Мјузиклот „Као какао“, впечатлива љубовна приказна инспирирана од безвременската музика на Влатко Стефановски, напишана од Венко Андоновски, а поставена во режија на Дејан Пројковски, во преполната сала на Центарот за култура Битола започна најдолгото и најсодржајното културно лето БИТ ФЕСТ.
Ова продукциско дело обедини врвни мајстори на пишаниот зборот, музиката, режијата, актерството и менаџментот и голем број учесници на сцената.
На свеченото отворање на фестивалот своое обраќање имаше градоначалникот на Битола Тони Коњановски, при што рече:
-Битола и ова лето ќе пулсира со содржините од богатата програма на фестивалот кој од оваа година го организира Културниот и информативен центар КИЦ Битола за што сум благодарен за организацијата и програмата која ја креираа. Годинава нашиот и вашиот фестивал станува полнолетен, ова е 18-то издание, а желбите се заедно да прославиме уште многу изданија, да ја славиме културата, уметноста, традицијата. Заедно со публиката и уметниците ја негуваме убавината на уметноста, затоа што таа е најголемата вредност што можеме да и ја даруваме на нашата Битола, а секако и на нашата Македонија.
-Верувам дека сите заедно ќе уживаме во летната магија на БИТ ФЕСТ кој ќе го раздвижи градот и ќе понуди уште еднаш потенцирам програма за секоја генерација, рече градоначалникот Коњановски кој го прогласи фестивалот за отворен.
-Мјузиклот ја носи важната порака дека не е доволно човекот само да сонува, туку мора да се бори и да верува за да ги оствари соништата. Како што вели и еден од ликовите во претставата, многу е важно во животот од гасеница да станеш пеперутка, бидејќи останатите луѓе се раѓаат и умираат како гасеници, вели режисерот Дејан Пројковски.
Од синоќа Битола повторно живее во ритамот на уметноста, музиката и магијата на сцената. Директорот на Културниот и информативен центар Битола, Димитар Михајловски рече дека долго време работеа на програмата, со цел да и понудат на публиката квалитет како што доликува за овој фестивал.
-Особено сме благодарни за довербата дадена од градоначалникот Тони Коњановски и Општина Битола кои ни ја доверија организацијата и реализацијата на овој голем проект кој има своја традиција, репутација и препознатливост на културната мапа на Македонија. Ова е фестивал кој ги обединува сите генерации, со програма креирана за секоја генерација од најмладите до највозрасните, рече во своето обраќање директорот Михајловски.
Честа да го отвори фестивалот му припадна на мјузиклот „Као какао“. И оваа година, ќе има содржини, односно традиционалните манифестации кои се дел од нашата годишна програма за култура, како „Битола отворен град“, „Илинденски денови“, „Солстис“, „Локум фест“, „Бела ноќ на Широк Сокак“, „Незаборав“.
Битолчанеи ќе го гледаат и фестивалот на Хармониките, концерт на барокна музика, концерт на групата „CODE 369“, ќе има концерти на класична музика, детски музички настани, изложби, театарски претстави, концерт на гитари „Битолски гитаристи“, фолклорен концерт „Под звеѕдено небо со Танец и Ладо“.
Дамијана Ристевска











