Во Народниот театар Битола се одржа прес конференција по повод најновата претставата „Кориолан“ на Шекспир, во адаптација и режија на американскиот режисер Џон Блондел.
На 15 јули, со почеток во 20:00 часот, една од најмоќните политички трагедии на Вилијам Шекспир, ќе оживее под отворено небо, во магичниот амбиент на Предворјето на црквата „Св. Софија“, како дел од програмата на Охридско лето. Беа споделени и информации за претстојните фестивалски настапи, вклучително и светската премиера на претставата на Verona Shakespeare Fringe Festival во Верона.
-“Кориолан“ е дело кое што за прв пат се поставува на театарските сцени низ Македонија. Имаме една голема екипа која што е спремна да се соочи со предизвикот на македонска и светска премиера на „Кориолан“. Како и за сè останато, така и за овој тип на реализација на претстави, Битолскиот театар секогаш бил пионер во некои работи. Продолжуваме да се однесуваме така и да бидеме чекор-два пред сите останати и нашите премиери после подолго време конечно да се случат и на сцените надвор од Балканот, во европски земји, на што сум искрено горд“, истакна на почетокот директорот на НТБ, Васко Мавровски.
Ова е петта соработка на Џон Блондел со Народниот театар Битола – партнерство кое низ годините донесе препознатливи и високо оценети театарски остварувања.
-Јас сум и уметнички директор на Верона Фриндж Фестивалот и во разговори со моите колеги таму разговаравме за тоа кои претстави би сакале да ги имаме годинава на фестивалот и една од тие е претставата „Кориолан“. И јас лично изразив желба дека сакам да ја работам и дека сакам да ја работам со екипата на Народен театар Битола. Така дојде всушност до оваа соработка и сум среќен дека претставата се реализира со овие прекрасни уметници. „Кориолан“ е едно од последните дела на Шекспир, напишано е 1608 година и е последната трагедија, всушност, која што ја напишал“, изјави режисерот Џон Блондел.
Целта на претставата, концептот, е да се нагласат актерските изведби во една жива претстава, но со минимални сценографски и костимографски решенија и идеи.
„Иако претставата зборува за антички Рим, всушност за Рим пред Републиката, таа има одек и значење за сите наши современи политички ситуации. Кога размислував за концептот на претставата, се сетив на идејата на големиот филмски режисер Бергман, кој вели дека театарот постои во таканаречениот Златен триаголник. Тој триаголник го сочинуваат актерот, текстот и публиката. Сите три елементи се подеднакво важни. Мислам дека нашата поставка навистина ја изразува таа идеја на Бергман на прекрасен начин“, додава Блондел.
„Кориолан“ не е само приказна за еден воен херој. Тоа е приказна за секое време во кое живееме. Ликот на Кориолан го игра Васко Мавровски.
Во претставата играат и Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска, Сандра Грибовска Илиевска.
-Кога гостувавме на Globe to Globe 2012, претставата „Хенри“ која ја работевме со Џон и благодарение и на него Македонија стана дел од 37 земји кои учествуваа на тој светски фестивал, каде постигнавме големи успеси. Истото чувство е да се работи со Џон. Можам само да му кажам благодарам за неговата толеранција, за неговата човечност, за неговата големина, за неговата желба и заљубеност во оваа наша Битола и во оваа наша Македонија. За начинот на кој допира до нас како актери и среќата е огромна. Јас денес со оваа премиера славам еден мал голем јубилеј. Оваа ми е дваесетта улога во Шекспировите дела, што е навистина реткост на нашите простори и сум среќен што со Џон го правам тој јубилеј, затоа што така добив награда. Екипата е прекрасна. Работевме феноменално и мислам дека направивме нешто што е исклучително интересно, поинакво, кратко, а сепак интензивно од секаква гледна точка, посебно од психолошката, рече актерот Петар Горко.
-Она што сакам да го напоменам во врска со работата со Џон и со целата екипа е дека често пати во текот на развојот како актери, како изведувачи, поминуваме низ најразлични фази во пристапот и начинот на работа и често пати во теоријата стои дека основното нешто за да се случи театарот е баш тој златен триаголник кој што го зборуваше Џон. Но, секогаш останувавме некако на теорија и дека тоа не знам колку луѓето би го гледале. Не знам колку би функционирало денес во 21-ви век, но во искуството со Џон, мене ми е оваа трета претстава со него, исто Шекспир. Текстот напишан пред 418 години, таа политичка трагедија која се занимава во тој период, во тој контекст, мислам дека многу интересно кореспондира со она што го направивме и со нетрпение очекуваме да се случи премиерата во Охрид, потоа во Верона, а секако дека за нашата публика во Битола веќе чекаме во септември да имаме уште една премиера, додава актерот Марјан Георгиевски.
Актерката Сандра Грибовска истакна:
-Навистина се потврдува дека секогаш многу позитивно поминувам низ процесите и навистина откривам нешто ново секој пат со театарот и со работата со Џон.
На тоа актерката Јулијана Мирчевска вели:
-Еве јас да кажам дека навистина неговата позитивност и како човек, како добрина од човек кој буквално зрачи добрина од него, позитивност, учтивост, но исто така има и еден друг момент неговото огромно искуство кое што го има и тој е еден од најголемите познавачи на Шекспир од кои кога и да соработуваме, кога и да разговараме навистина на многу полиња и во однос и на животот, и во однос на театарот може да се научи многу. Мислам дека најдобро и многу повеќе од се ова можам да кажам на сцена, така што навистина со задоволство ги чекам овие две премиери, но најголемиот предизвик е секогаш кога се претставуваме пред нашата публика, така што на сцена во септември ќе го кажеме вистинското што го имаме и ве очекуваме тогаш. Ви благодарам на сите и секако една огромна благодарност до Џон и до сите колеги“.
Асистент на режија е младиот уметник и режисер Дамјан Димовски.










