Press "Enter" to skip to content

Ученичкиот превоз, политиката и Јустиција

Ученичкиот превоз е задолжителен за учениците во основните и средните училишта. Така вели законот, бидејќи е пропишано задолжително школување заклучно со средно образование. Бидејќи средношколците се нашиот таргет во оваа тема и со право, зашто  во многу рурални општини нема средни училишта,  значи, законодавецот се обврзал да обезбеди пари, па поголем дел преку Министерството за образование и наука и нешто преку министерството за Транспорт и врски во форма на блок дотации ( строго наменски средства за оваа услуга), да ги префрлат до општините, кои како основачи на овие училишта да го организираат и обезбедат превозот. Дека тие средства не се доволни се гледа на прв поглед, но колку и како е сосема друга приказна, а за тоа најдобро се чуствува во општинските буџети на локалните власти. Иако има методологии- со број на ученици, кои и од каде доаѓаат, оддалеченост итн., сепак оваа проблематика е едно вилино нерасплетено  коло, кое во дадени моменти  (скоро секогаш) ја вплеткува политиката, а во еден мега судски процес од СЈО наречен “Транспортер“, ја вплетка и Јустиција на најлош можен начин кој тогашната опозиција, а сега властодржец ја нарече фингиран процес. Се разбира, оваа и ваква е битолската тема. Но, с`е по ред.

Во средните училишта во Битола, во последно време доаѓаат да учат околу 400 ученици од руралните општини Новаци, Могила и Демир Хисар, но и од општините Прилеп и Ресен. Евидентно, поради исселување, намален природен прираст и севкупните надолни демографски трендови, овие бројки се намалуваат. Превозот е организиран тристепено, најпрвин општински, па меѓуопштински и од општините до некои села. Ресорите Образование и Транспорт лани во три наврати дотирале цца 17 милиони денари по основ на блок дотации, а рестото е надополнето од општинскиот буџет, бидејќи нели Општината Битола е основач на овие училишта. Најголемиот товар падна на меѓуопштинскиот превозник  ЈП “Пела линк“, а во Демир Хисар на “Дехи транс“. Се ова некако и функционира, но има и реални проблеми особено во оддалечените села и малиот број  на деца и ученици. Заради неисплатливост, ниту еден превозник на се пријавува на тендер. На пример, од прилепско Канатларци доаѓаат само два ученика, од преспанските села- од Арвати еден ученик, од Езерани два, Покрвеник два, Шурлинци еден итн.  Во Демир Хисар од Смилево славно имало еден и само еден ученик, што создава апсолутна неоправданост за јавен превоз. Во Мариово,со Маково, Рапеш, Зовиќ, Старавина, Градешница  барем за законодавецот е полесно, оддалеченост над 50 км и крај на обврските за превоз од државната и локалната власт. Сакаш не сакаш, или сместување во ученички дом или снаоѓај се кој како знае или како може. Кутри родители, на свој грб голем дел од овој товар го носат на својот грб. Социолозите и педагозите најчесто своите поенти ги валоризираат со флоскули- недоволна инклузивност, немање пристап до образовниот процес и да не редам понатаму. Сега засега е  вака, а сликата ќе се затемнува од година во година заради намалената ученичка и семејна популација.

Но, сега ајде да се подвратиме десеттина до петнаесет години наназат за да одговориме на нашиот наслов. Рековме дека Битола со сите овие пет општини што гравитираат во Регионот, е можеби најоптоварена со ученичкиот превоз, многу оддалечени села, лоша патна инфраструктура, некаде и недостапност ( на пример Боишта во Демир Хисар има само земјен и каллив пат и кој знае дали и колку има жители). Во тоа време кога градоначлник беше Талески, владееше хаос низ цела држава, но ето тој се одважи и го реши превозот. Блок дотациите од тогашниот министер Панче Кралев наменски се трошеа, Талески се договори со превозниците за цени што беа прифатливи за нив, тие го вршеа превозот и немаше незадоволство ниту од родителите. Сепак, третиот мандат на Талески му се удри од глава штом дојде новата централна и локална власт на заевизмот. Сегашната власт и ден денес отворено кажува дека со “Транспортер“ се роди фингиран случај кој во надлежност го доби Добрила Кацарска, сега устоличена како уставен судија. Кога се вели фингиран, се мисли на политички мотивирано судење.

Иако првично, како што велат некои транспортери, тогаш новата градоначалничка Наташа ветила дека нема да има жалба од Општината, сепак како што се потшепнува, дошле емисари од СЈО блиски на власта, па се создал основ за кривично гонење на Талески, Бончановски и управителите на превозничките претпријатија. Иако не се жалеше МОН, ниту превозниците и родителите, сепак Обвинителството (нели) и Судот (Јустиција) оцениле дека имало “злоупотреби при организирањето на ученичкиот превоз“, при што беше утврдена штета од 360.000 евра. Во маратонскиот процес што се одвиваше од од утро до глуво доба, Талески и Бончановски од Кацарска  добија повеќегодишни затворски казни, а превозници по две години кои Апелација ги замени со условни казни ( веројатно пак политиката) оти премногу ќе беше еден куп луѓе да отидат во затвор, а ги искршија автобусите  возејќи по запуштени и непристапни патишта.

“Транспортер“ иако од  тогашните властодршци беше дочекан триумфално, сепак, донесе големи турбуленции со ученичкиот и јавниот превоз во Битола. Кутрата  Наташа, во сите какофонии одвај се снаоѓаше. Како едно мало финале и се случи Шилегов. И прати два раскапани автобуса со ЕКО-0 (нула и со букви) стандард што предивика невиден битолски мајтап, па бргу- бргу како- така одвај беа вратени во Скопје. Во тој период, сакајќи да стави ред со доаѓањето на работа на вработените, во една прилика со ѓеврекот во рака застана на влезот да види кој кога доаѓа иако тоа не беше нејзина работа. Невиден мајтап, а јас ѓеврекот го нареков празно множество, пошто тогашната прва дама е магистер по математика, плус магистрирала на тема торус (што геврекот е торус како геометриско тело). Како и да е, подоцна СДСМ политички ја пуштија низ вода, иако според мене не ги имаше намакано прстите во медот. Со тоа, само и направија услуга.

Но, за Јустиција уште малку. Со случајот Талески и “Транспортер“ се развија две мислења. Едното дека е крив иако пари не зеде оти исплатени беа превозниците, а биле наплатени прескапи услуги. Другото, единствен во тогашни услови го реши ученичкиот превоз, а по мерка на подземните политики, следеше негова тотална егзекуција. По мое, без да го бранам Талески кој го донесе “Кроберг и Шуберт“ каде 6. 500 луѓе јадат леб, со “Транспортер“ неодминливо потсетува на познатата мисла на Цицерон за правдатаSummum ius, summa iniuria ( И најголемата правда, може да биде голема неправда).

Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.

(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)