На 63 годишна возраст почина Стојан Здравевски – Столе, член на реномирана музичка група „Боеми“ од Битола.
Стојан Здравевски – Столе е еден од основачите на “Боеми“, музицираше на кларинет и беше одличен и во вокалното пеење.
На почетокот на неговата кариера учествуваше во музичката групата „Боцкин“, а од 1989 година Столе заедно со Тони, Панскиот, Ѓершано и Стево ја формираа групата „Боеми“.
Столе по еден големиот јубилеј на “Боеми“ рече дека идејата за група била од мандолинскиот оркестар под диригентстрво на Живко Пармаковски, кој, како рече, ги поттикнувал на дружење. Се дружеле кај него дома, кај Стево, а тој, Панскиот, Тони и Стево се одлучиле дружењето да го продолжат од мандолински во нова форма, во музичка група, која потоа станала “Боеми“.
Од тогаш па се до неговата смрт беше незаменлив член на групата „Боеми“ со која има испеано бројни композиции и учествувано на многу фестивали.
Неговите “боеми“ од групата и официјално се огласија и се простија од Столе со зборовите:
Почитувани пријатели, со неизмерна тага ја споделуваме веста дека нè напушти нашиот Столе. Замина нашиот долгогодишен другар, музичар и дел од семејството на групата “Боеми“. Зад себе остави безброј спомени, песни, настапи и моменти кои засекогаш ќе останат во нашите срца. Столе, ти благодариме за сè што поминавме заедно – за пријателството, хуморот, насмевките и музиката што ја споделувавме низ годините. Почивај во мир, Столе. Никогаш нема да бидеш заборавен. Нека ти е светол патот до вечноста! Твоите Боеми
Нема битолчанец кој денес нема да се присети на барем неколки “свирки“ на кои Столе не им ги отпеал најголемите и најомилени хитови, без разлика дали се од македонска или југословенска музика, или д аим пеел заедно со “Боеми“ на некоја семејна веселба. Стола ќе остане дел од колективната меморија на неколку генерации битолчани.
Во својата кариера заедно со “Боеми“ бил добитника на голем број фестивалски и општествени награди.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 август 2026 година, во храмот „Св. Димитриј“ од 11 до 13 часот.
Погребот ќе биде изведен во старите Светонеделски гробишта во Битола.






