Денес, на Илинден, во потпелистерското село Трново, во дворот на црквата “Успение на Пресвета Богородица“ се одржа 55. по ред Семакедонската средба, која традиционално ја организираат Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.
На средбата присуствуваше пратеникот и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ – Драган Ковачки, градоначалникот на Битола – Тони Коњановски, владиката Петар, пратениците Олга Лозановска и Пеце Милевски, градоначалникот на Новаци – Стевче Стевановски, градоначаниците од Мала Преспа, Албанија, претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Горан Исков, претседателот на Советот -Бојан Бојковски, советници, претседателите на битолските ПОДЕМ и СПМ – Александар Крстевски и Александар Вангелов…
Тука беа и голем број наши сограѓани, гости од други градови во Македонија, Македонци од соседните земји, иселеници… кои денеска празнуваа со песна и оро, а беа испратени значајни пораки за нашата земја, за нејзината позиција и за предизвиците со кои се соочува.
55. по ред Семакедонската средба ја благослови Владиката Петар кој повика на обединување на сите Македонци и рече:
-Браќа и сестри, денес кога славиме 55 години и оваа средба и нашиот светец, Илија, небесен човек и земен Ангел, сакам да порачам дека колку и да ја парчат оваа држава таа ќе биде наша најмила, Македонија. Сакам да напоменам дека луѓе кои се декларирале како големи Македонци, денес ги препознаваме како големи Бугари, големи Грци… а сето тоа не ни оди ви полза нам, на Македонците. Ние имаме пишана историја изразена во срцата и душите на Македонците изразена националните и народните песни, кое што не може никој да го откорне и одземе од Македонскиота народ. Затоа да се дружиме сите, Македонците од Вардарска, Македонска, Пиринска Македонија, од Србија, од сите земји во светот кајде што не има, немаме можноста да зборуваме за историјата, да си пееме песните национални, и тао влегуваат во срцето, а тоа е нашата најголема добивка која никој не може да ни одземе. Да се обединиме, да си простиме едни на други за грешките кои сме си ги правеле, да се обединеме кои нашата заедничка цел, Татковината Македонија, Македонските јазик, македонските песни и нашата Православна Македонска црква, без да имаме нешто против другите верисповеди.
Општина Битола, продолжува да биде поддржувач, а во своето обраќање пред присутните градоначалникот на Битола Тони Коњановски рече:
–Битола во минатото ја испишала историјата на печалбарски крај и сите сакаме тоа да биде историја, да не ни се повторуваат миграциите, да бидеме тука сите свои на своето и заедно да го градиме подоброто утре за нас и за генерациите после нас. Оние кои заминуваат, верувам дека еден ден своите професионални искуства ќе ги споделуваат заедно со нас, во нивниот роден крај каде заедно ќе продолжиме да инвестираме во подобра иднина и подобри услови за напредок на младите генерации. Светското искуство, секогаш може да даде позитивна насока во идеите, иницијативите и проектите кои се реализираат за поубава Битола. Нема подобро од родниот крај, кој Ви подава рака за враќање назад во татковината, овде сите заедно да живееме, овде да растат новите генерации Македонци.
Драган Ковачки пратеник во Собранието и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати пред присутвите е рече:
–Ние сме Македонци, тоа не е политичка определба, тоа е нашиот корен, нашиот јазик, нашата култура, нашата Црква и нашата историја и посочи дека ВМРО ДПМНЕ ќе остане партија на македонскиот идентитет.
Свои обраќања имаа и Иван Џо Петрески, претседател на Матицата на иселеници од Македонија, Тодор Петров-претседател на Светскиот Македонски Конгрес…
Александар Јаневски-претседател на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Македон“ рече:
-Денес сме собрани да покажеме дека Македонија има народ кој не заборава, народ кој не се откажува и народ кој знае кои се неговите корени. Тука сме – Македонци од сите делови на Македонија и од целиот свет. Разделени од граници, но никогаш разделени по дух. Распрснати по сите меридијани, но со едно срце. Со една мисла. Со една љубов – Македонија. Македонија живееше. Македонија живее. Македонија ќе живее! НИКОГАШ СЕВЕРНА САМО МАКЕДОНИЈА!! Ние остануваме посветени на барањето трајно решение за македонското прашање. Продолжуваме да се бориме за враќање на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија – и од Балканските војни, и од Граѓанската војна во Грција. Бараме признавање на Македонците, на македонскиот јазик и на државата Македонија. Ги повикуваме сите да градиме односи врз заемно почитување, рамноправност и реципроцитет. Даваме целосна поддршка на премиерот Христијан Мицкоски и на Владата на Р. Македонија во преговорите со Бугарија, и ЕУ со очекување дека ќе ги штитат државните и националните интереси.
Текст и фото: Сашо Ристевски






