Press "Enter" to skip to content

Триптих за тукашните воени сеништа

Од Хуриетот, преку Балканските  и Првата светска војна, Битола и Регионот биле поприште на најголеми воени премрежиња, бомбардирања, крвавења, човечки жртви, но и уништени имоти и човечки судбини. Тука, воените сеништа тешко надвиснале и со студената рака на смртта го посеале тукашниот дел од пеколот. Колку и како  да се раскажува оваа крвава и трагична историја, од победниците или победените кои оставиле недоброј крсни и бескрсни гробови, сепак, најмногу настрадале Македонците со безброј сирачиња, раскуќени домови, глад, сиромаштија и страдања, без своја волја и без никој  за ништо да не ги праша од големите  и балканските кројачи на судбини. Овој триптих е само еден мал и емотивен потсетник што тука се случувало,  како капка во океанот на недоиспишаната и до крај неизречената историска и човечка востина.

1. Три униформи, еден живот

До црквата “Свети Спас“ во пелагониското село Добрушево води еден мирен селски пат. Тука се селските гробишта, а неколку стари дрвја прават сенка над гробовите, додека тишина ја прекинува само ветерот. Меѓу десеттиците семејни надгробни споменици, еден го запира погледот. Не е најголем, ниту е раскошен. Но, е единствен. На него има три фотографии од истиот човек. На првата е во турска униформа, на втората во српска, а на третата во бугарска. Тоа не е фотографска монтажа. Тоа е животот на Петко Лисковски.

Тоа е човекот роден во Добрушево, кој никогаш не ја сменил родната земја, а трипати сакал или не, морал да ја смени воената униформа. Не затоа што бил превртливец или платеник, туку каменот на судбината силно удрил врз неговата глава затоа што живеел во време кога империите и државите се менувале побрзо од човечките судбини, а тој останувал на истото место- во своето Добрушево. Тој не војувал за освојување на туѓи земји. Војувал зашто бил мобилизиран и како илјадници други Македонци од тоа време, бил принуден денес да носи една, а утре друга униформа.

Затоа, неговиот спомник е толку необичен. Него го има на три фотографии- три лица на истиот човек, но на три различни армии. Тоа не е приказна за вона слава, тулу за потресна човечка судбина. Понекогаш историјата се раскажува преку цареви, маршали, генерали и битки. Но, многу почесто вистината се крие во животот  присилно откорнат да служи во три војски. Можеби токму и затоа, неговиот стар гроб и денес сведочи дека човекот често пати не ја избирал историјата. Историјата го избирала него. Кога ќе застанете пред тој надгробен камен, нема потреба од долг историски час. Доволно е да ги погледнете трите фотографии . Во нив се привлекува внимние поради едноставната порака дека на Балканот, а особено во Македонија  се случувал најголемиот апсурд, одземање на најосмислената смисла- слободата.Тоа се трите фотографии. Во нив е собрана една епоха и една голема човечка трагедија, историска читанка поголема од купишта историски книги.

Гробот на Петко Лисковски

Потсетник од семејството

Петко Лисковски (1882 – 1970), се родил и починал на 88 години во Добрушево, а со сопругата Стана имал свиено семејно гнездо и народиле пет синови. Станал позната по неговите фотографии во воена униформа на споменичното обележје дека служел во три војски- од 1910 до 1912 година како турски војник, од 1914 до 1915 како српски војник и од 1916 до 1918 како бугарски војник. Ги пренесуваме потсетувањата од неговото семејство, од времињата кога во вечерните часови, на неговите синови и внуци им држел историски час за пеколот од неговиот војнички живот.

После Хуриетот (Младотурската револуција од 1908 година кога најголеми немири и превирања во Турција имало во областа Румелија, посебно на овие простори), со султанско ираде од Диванот,  била прогласена општа воена мобилизација. Така, Петко се нашол во турскиот аскер, но пошто бил со добри физички предиспозиции, бил испретен во Станбол (денес Истанбул) и по успешните обуки завршил во  султанската гарда како гардист. Минувало време и Петко почнал да размислува како да дезертира и да побегне од “Болниот на Босфорот“. Прилика се укажала и Петко ја искористил. Бидејќи тој и другите ѓаури (христијани) побарале во недела  да одат на верска служба и молитва во православен храм, а кога им овозможиле, надредениот ги водел низ Истанбул за да ги контролира. Арно ама, бил рушветчија и кога ќе поминеле на Таксим, пошто се му плаќале, тој ќе заседнел во некоја омилена ахчиџилница да јаде и пие. Гардистите пак, по цел ден шетале покрај пристаништата на Босфорот, кај Долме бахче сарај, Топ капи, Аја Софија, Капали Чаршија и Мисирли пазар.

Но, во еден неделен ден, среќата му се насмејала. На едно од пристаништата бил укотвен руски товарен брод и Петко не се двоеумел. Таму се качил, а браќата христијани го сокриле и така со нив стасал до Солун. Од таму, со уште еден компањон пешки, преку Солунско поле, па на Камакчалан кај Маркова нога и Сович, низ поле стасал дома. Таму га чекала Стана со трите синови. Но, како што би рекол Цанкар,  среќата е како сонцето – кога е најубаво заоѓа.

Со Втората Балканска војна, Србите по Букурешткиот договор ја завзеле Македонија прогласувајќи ја во Вардарска Бановина.  Изненадувањето  дошло набрзо и Петко бил мобилизиран како српски војник, зашто веќе започнала Првата светска војна во која Србија била сојузник  во силите на Антантата, а непосредниот судир на Балканот бил со Австроунгарија и Бугарија. Воените команданти, како искусен војник, Петко го испратиле на “најжешката“ линија на фронтот кај Прибој на Лим, близу воениот разгор околу Дрина. За негова среќа, при едно жестоко гранатирање, шрапнел го погодил во петицата и завршил во воената болница во Алексинац.  Неговиот брат Трајан кој бил на истата линија на фронтот и со кого никогаш не се нашле, го изгубил едното око. Австроунгарските војски од Првата армија, извршиле пробив до источна Србија и сите ранети од болницата биле заробени. Најпрвин биле спроведени до Суботица, често и пешки, а Петко со повредената нога и тоа го издржал. Потоа, со воз биле однесени во Словачка во логор близу Неста во исклучително тешки услови и прегладнети. Трајан во некој од тамошните логори умрел од глад. Петко во една прилика јадел трева, па за казна бил врзан на среде логорот за да го плукаат другите логораши. Подоцна, во друга  прилика затребале пекари и се пријавил, иако појма немал од месење и печење леб. Арно ама, нешто се присетил од Стамбол, па така поминал на испитот и станал фурнаџија, па куртулил од гладувањето. Меѓутоа, во тековен пазар со Сојузниците, сите заробеници Македонци, ги мобилизирале во Бугарската војска.

Петко од 1916 година во бугарска униформа се нашол на Дојранскиот фронт близу Гевгелија. Во најтешките битки и гранатирања, со денови поминувале во рововите со дизантерија и други инфекција, се на работ на изджливоста, до пред самиот крај на Првата светска војна. Во меѓу време, Стана со децата морала да побегне и да се крие во една колиба близу Прилеп накодошена дека е жена на некошен српски војник, зашто во Добрушево се стационирала бугарска болница и позадината на германските сили, кои ја држеле линијата на фронтот кај Дедебалци. Петко, пак, таму на југоисток на Македонија, се степал со еден бугарски старешина и пошто бил снажен, силно го растресол. Овој, пак, ја извадил сабјата и го удрил кај слепоочницата, та за малку ќе го изгубел окото како брат му Трајан, тогаш веќе покоен. По пробивот на Солунскиот фронт  од Сојузниците ( Франција, Србија и другите),  бугарската војска се нашла во подредена положба и Петко со неколку мина нашинци дезертирале. Се вратил во Добрушево и се составил со фамилијата.

Црквата “Св. Спас“ и гробиштата во Добрушево

Епилог

Тогаш  веќе Бановина, Србите во Добрушево отвориле училиште. Како војник од прочуените војски на Дрина, му било понудено да стане џандар, но тој одбил оти преку глава му било  од униформи. Сепак, не го оставиле без леб, па го вработиле како училишен служител и со Стана народиле уште два сина. Поминале времиња од Српско, па дошла уште една војна со Второ Бугарско, а Петко се борел само со нивите и пелагониската земја – тутун, пченка, жито за да се нахрнат седум усти. По Втората светска војна, живеел уште 25 години, со болни, измрзнати и потечени нозе, но сепак, историскиот час за внуците никогаш не го заборавал. Сега, историската читанка на Петко се уште простуми, како силно сведоштво за балканските воени сеништа-учебник што се чита во еден здив и вечно се памети, а гробот и фотографиите нечујно и безимено, шепотат за македоноцидот, но и за пирејот.

(Продолжува)

Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.

(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.) 

More from ВестиMore posts in Вести »