Press "Enter" to skip to content

Турнир во бељот “Ушици 2026“ во Битола (фотогалерија)

-Во малото паркче во населбата “Ушици“ во Битола со години се слуша добро познатиот звук на картите кои се мешаат, довикувањата меѓу играчите и, се разбира, она неизбежно “ја земам…“

-Таму, меѓу разговорите, шегите и понекогаш жестоките расправии околу “некоја карта“ генерации жители играат бељото, од денес најмалиот Матеј на 12 години и Дамјана, до Кирко, Диката, Попо, Благој…

Она што со години се играше спонтано, во маалска атмосфера и со многу мерак, бељотот, денес доби и турнирски карактер. Во “Ушици“ се одржа  турнир во бељот, на кој учествуваа играчи кои со години се собираат токму во ова паркче, но имаше и гости од страна.Но, ако некого го прашате кој победил, одговорот можеби и не е толку важен. На овој турнир, победници беа сите. Победници беа оние кои неколку часа седнаа на масите, ги земаа картите в рака, се натпреваруваа, се надмудруваа, но пред сè, се дружеа, за да завршат на заеднича маса, како што понекогаш го прават жителите на “Ушици“ во доцниите вечерни часови.Масите беа подготвени со посебно внимание – црвени чаршафи, нови шпилови карти и атмосфера која покажуваше дека маалската игра може да добие и вистински турнирски сјај. Секој детал беше подготвен за да се создаде чувство дека ова не е само уште една партија во паркчето, туку почеток на нешто што треба да трае.-Ова е игра која со години се игра тука. Се собираме, играме, се дружиме и така поминува времето. Сакаме сега сето тоа да го подигнеме на едно повисоко ниво и турнирот да ни стане традиција, како што бељотот има традиција во Битола, вели Дејан Димовски,  кој заедно со Николче Пејковски  досега направиле неколку помали турнири, но овој „Бељот Турнир“ е сериозно организиран со многу повеќе картаџии.Николче Пејковски организатор на турнирот ни кажа:-Токму од ова паркче започнале безброј партии. Некои од играчите денес се познати повеќе по своите прекари отколку по имињата. Затоа, и турнирот имаше свој посебен белег – натпреварувачите носат специјално изработени маички со своите прекари, но и со имињата на оние кои ја поддржаа организацијата.Поддршката од Gio Print, „Карпатија“, BitolaNews, Lounge Bar Manaki, Tigre Kafe, „Прилепска пивара“, „Мак Гросер“, „Еко клуб“ и „Горинг Битола“, Гершан Кетеринг овозможи турнирот да има сè што му прилега – храна, пијалаци и атмосфера во која натпреварувањето природно се претвори во дружење.На масите има и искусни играчи – оние кои картите ги држат во рака со години и добро знаат кога треба да се ризикува, а кога да се почека. За нив беа подготвени и посебни маички со натпис “Ветерани“, како признание за годините поминати со картите.На турнирот имаше и гости од Битола кои со години имаат своја традиција – секој четврток се собираат на партија бељот. Нивната приказна е посебна: со 1001 одиграна четврток-вечер, ова дружење е доказ дека бељотот одамна ја надминал границата на обична игра со карти. Можеби ќе влезат и во Гинисовата книга на рекорди, а сега се некаде над 800 партии.-По овој турнир, организацијата му ја предавам на Дејан Димовски, од кого се надевам дека во иднина ќе имаме уште поголеми и подобро организирани натпревари, ни кажа  Николче Пејковски.Оваа година турнирот донесе и една убава новина – учествуваше и женска натпреварувачка.-Ни беше важно да има и женски натпреварувач. Бељотот не е само машка игра и сакаме со секоја година да има сè повеќе девојки и жени кои ќе се вклучуваат. Оваа година е една, а догодина се надеваме дека ќе бидат повеќе, велат организаторите.Годинава единствена бељотчивка беше Дамијана Ристевска, а најмлад бељотчија беше Матео Магдевски од Словенија, по татко Пеце,  секако со потекло од “Ушици“. Покрај Пеце од Словенија на бељот беа и Тоци од Англија, Драги од Австралија, Иле од Австралија, сите со куќи во “Ушици“.  Имаше тактика, концентрација, натпреварување, смеа, довикувања и неизбежни коментари по секоја изгубена или добиена партија. Но, токму во тоа и беше убавината. Зашто бељотот никогаш не бил само прашање на бројки до 1001. И затоа, по завршувањето на турнирот, организаторите не сакаат приказната да заврши тука.Желбата е едноставна – традицијата да продолжи. Да остане паркчето место каде што луѓето ќе се собираат. Да продолжат разговорите, шегите и партиите. Да има кој да ги научи помладите како се игра, но и како се победува – со мерак, почит и добро расположение. Затоа што традициите не секогаш започнуваат со големи настани.Понекогаш започнуваат во едно мало маалско паркче, со неколку маси, црвени чаршафи, нов шпил карти и група пријатели кои решиле да направат нешто убаво. Овој турнир можеби нема да остане запаметен само по резултатите. Ќе остане по луѓето, по дружењето, по смеата и по чувството дека едно маало успеало својата секојдневна навика да ја претвори во традиција.Истото паркче. Истите карти. Нови партии. Нови приказни. А некаде меѓу нив, како и секогаш, ќе се слушне: „Ајде, да почнеме една.“Бељотот е популарна карташка игра која потекнува од Франција од почетокот на 20 век, а со текот на времето се проширила низ Европа и особено се вкоренила на Балканот. Се игра во парови со шпил од 32 карти, а победата зависи од комбинација на добра стратегија, паметна игра и малку среќа. Во Битола, бељотот одамна е дел од маалската традиција – игра која не е само натпревар, туку повод за дружење, смеа и собирање на генерации. 

Сашо Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »