Press "Enter" to skip to content

Триптих за тукашните воени сеништа, Од Хуриет до Второ српско – покосена младост со глад, маларија и смрт (2)

Хуриетот

Јашасин Хуриет (Да живее слободата)! Тоа бил  еден од главните слогани на Младотурската револуција во 1908 година. На 23 јули, по враќањето на Уставот од  1876 гоина од страна на султанот Абдул Хамид Втори, низ Македонија  одекнувал овој слоган, особено во Битола, Солун, Велес и Гевгелија. Во политичката реторика, тој одел со “Слобода, правда, еднаквост, братство“.  Тоа не бил само турски слоган, туку на луѓе од различни народности и политички групи, а се организирале огромни народни собири, се испеале песни, па и браќата Манаки со фотографии и на филмска лента ги снимале тие еуфорични настани и егзалтации. Во еден момент имало собир со околу педесет илјади луѓе од разни вери и народности.

Битола тогаш била едно од главните жаришта на “Комитетот за единство и напредок“, а најпознати биле офицерите Исмаил Енвер и Казим Карабекир. На 22 јули Битола веќе била под контрола на револуционерите, а наредниот ден било прогласувањето на Уставот и прославата. Дури и Широк сокак бил преименуван во ,“Хуриет“.

Сепак, младотурската идеја за слобода, еднаквост и братство, завршила прилично трагично, иако изгледала како можност за нов османлиски поредок, без оглед на вера и народност, за еднакви граѓани.  Во 1909 година, младотурците ја зацврстуваат власта, а во 1911 година идејата за османлиско братство се претворила во турски национализам. Меѓу најразочараните поддржувачи бил и Јане Сандански кој во ова движење гледал можност за поширока автономија на Македонците.

Во 1912- 1913 година, го разнебитуваат европскиот дел на Империјата, а триумвиратот Енвер, Талат и Џемал- паша ја преземаат фактичката власт, па по Првата светска војна Империјата доживува катастрофа. Десет години подоцна, Османлиската  мултинационална империја исчезнува и се создава Република Турција на чело со Мустафа Кемал Ататурк. Значи, Хуриетот не го решил македонското национално прашање и пропаднале сите тогашни надежи, а само неколку години подоцна со Балканските војни, Македонија била целосно  распарчена.Балканските војни

Во 1909 и 1910 година, со засилени воени операции османлиската војска се бори со албанските востаници, имаа акции за разоружување и пресметки со вооружени грчки, бугарски и српски воени групи. Тогаш со декрет е прогласена  општата воена мобилизација (како случајот со Петко). Битола тогаш бил еден од главните воени центри во Румелија со стациониран силен гарнизон на Третата османлиска армија. Во 1911 година во италијанско- турската војна во Триполитанија, османлиите се поразени и воено слабеат, а Балканскиот сојуз во 1912 година на Србија, Бугарија, Грција и Црна гора ја носи и Првата балканска  војна во која, за само неколку недели, најголемиот дел од Македонија е освоен од сојузничките армии, па така, по пет века завршува османлиската власт. Впрочем, по Балканските војни, Пелагонија потпаднала под српска власт и во српската војска младите мажи станале воени обврзници на Кралството Србија( втората војничка судбина на Петко Лисковски од Добрушево).

Според воените извори, по поразот кај Куманово, Зеки- паша ја повлекол Вардарската армија кон Битола и ја организирал одбраната на десниот брег на Црна река и Шемница, а турските позиции се протегале преку Киромарица- Кочиште- Бели Камен, а неколку села – Црнобуки, Кукуречани и Драгожани биле најсилната одбранбена линија. Црнобучкото брдо имало големо тактичко значење, бидејќи од таму српските единици се спуштале кон долината на Шемница, иако биле изложени на силен артилериски и пушкарски оган  од турските позциии кај Драгожани и Секирани. Оваа точка, својата воена судбина со крв до колена ќе ја доживее и во Првата светска војна, иако и тогаш на правецот Црнобуки- Кукуречани- Крклино бил еден од најжестоките судири бидејќи турската одбрана таму го имала најсилно утврдениот дел. Во Црнобуки, повозрасните селани раскажуваат по сеќавања на нивните родители и дедовци дека за тамошните жители, не само што имало мобилизирани Македонци, туку населението било под реквизиција (експлоатирано) со храна и добиток, копање ровови и утврдувања, и уништување на нивите.

На 15 ноември , српската Прва армија се приближила до Битола, а османлиската на Зеки- паша била утврдена кај Шемница. Неколку дена со напади и противнапади, безброј жртви и типична балканска кланица,  на 18 ноември одбраната попушта и се отвора патот  за српските сили кон Битола, па така почнува Првото Српско- едни освојувчи по пет векови заминуваат, а други доаѓаат. Османлиската војска се повлекла кон Лерин с`е до конечниот пораз.Првата светска војна

За време на Првата светска војна  (1914- 1918), Битола и околината биле поприште на погромни воени, човечки и цивилизациски страдања, а за време на најжестоките битки на Солунскиот фронт во линија од 450 км, имало над 600. 000 војници на сојзуниците (Франција, Србија и останатите), наспроти Бугарија, Германија и останатите со 500. 000. Фактографија испишана со томови од историчари, хроничари, мемоаристи, фото- документација, документи, живи сведоштва, кои и по 11 децении с`е уште имаат отворени архивски потрти за многу недоречености, непознати стории и судбини на актери и жртви се океан од кој, бегло ќе засегнеме само некои помалку познати моменти.

Брдото над Црнобуки, во последниве деценија или две, заедно со селото и житницата “Петилеб“, интензивно се опсервирани од професорот Лилчиќ и други археолози, а пронајдени се многу  артефакти од монети, накит и украси од старомакедонскиот период на Филип Втори, пред тоа, но и подоцна. До денес, се уште не се знае дали таму се криел град, крепост или нешто друго, но тоа е тема за друга прилика. Ова брдо, со својата стратешка улога и фортификациски предности, по втор пат било место на најжестока воена пресметка, овој пат, на актерите од Првата светска војна. Тукашните жители, речиси во секоја прилика велат дека во Шемница со денови течела крв до колена. Моето сеќавање кое во оваа прилика сакам да го споделам е поврзано со едно искачување што на група рекреативци ни го организираше колегата Кирил Добрушевски, роден во Црнобуки, а сега како пензионер, пасиран овоштар, но и истражувач на малку познати историографски факти за Македонија од тие периоди. Се искачивме од лисолајската страна покрај најубавите пелагониски лозја. Горе, од лева страна скромно ѕирка богородичен параклис со петочна вода за нероткињи и панорама кон Прилепското џаде, а во видикот накај Шемница и Црнобуки, има две пештери чии отвори со текот на времето се речиси затворение. Старите тамошни луѓе велат дека се баш од тоа време и едната била лазарет, а другата арсенал со гранати.

Како и да е, од оваа линија, особено кон 1916 година кога од Србите е “ослободена“ Битола , почнуваат постојани бомбардирања. Затоа овој град е наречен страдалник, споредуван со францускиот  Верден. За жал, во судир со германските војски, таму (во Верден)  имало над сто илјади жртви. Но овде, биле бомбардирани Офицерскиот дом, Широк сокак, цркви, анови, куќи… Беброј фотографии, записи и друга документација говорат за сите голготи. Дури има и еден мошне интересен топоним помеѓу селата Острец и Злокуќани, каде што на камена громада на француски е испишано дека таму претстојувала  Третата Алжирска регимента. Местото битолчани го викаат “Пишан камен“. Впрочем, Битола поради огромната концентрација на разни војски на толку мал простор, може да се нарече најголемиот музеј на отворено на Македонскиот фронт, со безброј ровови, бункери, воени патеки особено на Кајмакчалан и Пелистер. За тоа, најеклатантен факт се воените гробишта- француски, германски, српски…Пелистер и Кајмакчалан со своите највисоки коти 2601 метар и 2521 метар, биле стационарни  утврдени точки за артилериски оган и стратешки позиции, а со многу жртви и безброј бескрсни гробишта поради обидите за нивно заземање. Бугарите и Србите, покрај реквестициите, вршеле и воена мобилизација на локалното население (примерот со Петко), а Општината Новаци има регистрирано 33 паднати борци, а болни, сакатени, инвалиди, измрзнати, умрени од глад, никој не може ни приближно да ги изброи, но сигорно биле илјадници.  Сепак, најголемиот македонски трагизам е што имало и такви случаи, таткото да е мобилизиран во српската, а синот во бугарската војска или обратно, па да се најдат на иста огнена линија еден спроти друг.

Конечно, по сите битки на силите на Антантата со 600. 000 војници и Централните сили со 500. 000 војници во најинтензивниот период,  војната завршила со сите можни последици на Македонскиот фронт. А последиците за Македонците биле покосена младост, сиромаштија, глад, дизантерија, маларија, крв и смрт. Овој дел на Македонија со поделбата во  Букурешткиот договор, останал во Србија како бановина на тогашната Краљевина Југославија  се до 1941 година (Второ Српско), а можноста за повторни мобилизации и натаму останала- не во турски, не во српски или бугарски војски, туку во југословенска војска “за краља и отаџбину“.

(Продолжува)

Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.

(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)