И покрај исклучително топлиот августовски ден, Стрежевската акумулација вчера беше исполнета со спортски дух, натпреварувачка атмосфера и добро расположение.
На „Втора Црвејнца“ се одржа јубилејното 30. издание на Балканскиот куп „Битола 2026“ во спортски риболов, во организација на ЗРРЕСК „Црна Река 1929“ – Битола, со поддршка на ЈП „Стрежево“.
Риболовци од Македонија, Србија и Црна Гора се натпреваруваа во дисциплината „лов на риба со јадица на пливка“, во поединечна и екипна конкуренција. Жешкото време беше дополнителен предизвик за натпреварувачите, но не ја намали желбата за добар резултат и фер спортска борба.
-Триесет години традиција се повеќе од еден натпревар. Балканскиот куп прерасна во место каде што спортот ги поврзува риболовците од регионот, а натпреварувањето секоја година носи нови средби, пријателства и убави спомени. Јубилејот помина во духот на спортот, дружењето и љубовта кон риболовот и природата, потврдувајќи дека оваа традиција продолжува да живее на Стрежево, соопштија од ЈП “Стрежево“ кои се концесионери на Акумулацијата “Стрежево“.






