-Во Битола доаѓа човекот кој е познат на светско ниво како автор на екстремно квалитетни слики како директор на фотографија и умешно ја корсити светлината, но повеќе е познат по тоа што ја користи темнината, односно сенките. Човек кој во Битола ќе ја донесе атмосферата на трилерот, бидејќи тој ги изработи најдобрите трилери во светската кинематографија- Џеф Кроненвет е годинашен лауреат на Специјална Златна камера 300 за особен придонес во филмската уметност, најави на денешната прес-конференција директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.
Како автор на некои од највпечатливите и највлијателните визуелни ремек-дела во современата кинематографија, Кроненвет донесе револуција во филмскиот јазик. Неговата долгогодишна, култна соработка со режисерот Дејвид Финчер ни ги подари антологиските кадри во филмовите како Боречки клуб (Fight Club), Социјална мрежа (The Social Network), Исчезната (Gone Girl) и Девојката со тетоважа на змеј (The Girl with the Dragon Tattoo), кои му донесоа и две номинации за Оскар.Познат како вистински „мајстор на светлината и сенките“, Кроненвет е пионер во дигиталната ера на кинематографијата. Тој успеа да го доведе дигиталниот формат до совршенство, користејќи прецизна психологија на кадарот каде што секое движење на камерата и секој зрак придушено светло директно ја отсликуваат внатрешната состојба и тензија меѓу ликовите.
Мајсторот на светлината, сенките и супериорната дигитална естетика доаѓа во Битола за да го прими највисокото признание и да застане рамо до рамо со великаните на светската кинематографија. Со доделувањето на ова признание, Кроненвет се приклучува на клубот на великаните на светската кинематографија кои ја понеле Специјална Златна камера 300 со што Битола уште еднаш цврсто се позиционира како центар на светската филмска уметност.
Свеченото врачување на наградата ќе се одржи во рамките на претстојното издание на фестивалот во Битола кога на Дан Лаустен и Џеф Кроненвет ќе ги примат наградите.
Доксевски годинава го најави просуството и на бројни значајни филмски имиња, меѓу кои Јануш Камински, полско-американски кинемтографер и двоен оскаровец, кој е добитник на Златна камера 300 на ИФФК „Браќа Манаки“, но никогаш не дојде во Битола и годинава ќе ја имаме можност и Камински да биде дел од свеченото отворање на Фестивалот.
Селекторот на главната компетиција, Слаѓан Пенев информираше за филмовите кои ќе бидат прикажани на свеченото отворање и затворање на Фестивалот, а се дел од главната селекција која брои 12 филмови.
-Програмата „Камера 300 на 47-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се состои од дванаесет филмови кои својата меѓународна премиера ја имале во 2026 година на некои од најголемите филмски фестивали во светот. Меѓу нив и два нови домашни филмови, со кои ќе биде отворен и затворен фестивалот.











