
Пожари во Германија, пожари во Франција, пожари во Шпанија, пожари во Грција, пожари во Србија, пожари во Канада и САД, пожари во цел свет, а секако и во Македонија. Некаде велат подметнати намерно, некаде од небрежност, некаде поради пироманија, некаде поради психоделичност, а некаде поради политманија и сите поради човечки фактор. За самозапалување, што би рекле Србите – “Ко је луд нек верује“. Некаде докажано, некаде претпоставено или само индицирано, а поретко санкционирано. Се делува како едно апокалиптично предвестие за можен глобален судир и ѕвечкање со нуклеарниот погром- почнувајќи од војната меѓу Русија и Украина во која Европа и САД во позадина се спремаат за најмрачни сценарија како најдлабоко инволвирана страна против “Бабарот“ (Русија), судирот на САД и Израел со Иран, воените колатерали на Блискиот исток и така до недоброј огнени домени, како паралела на пожарите разгорени во перманентни интервали и ритмичност. Повозрасните љубители на рок музиката (но не и само тие), секако се сеќаваат на култната група “Deep purple3 и нивниот култен албум и носечката истоимена нумера “Fireball“ (“Огнена топка“) која е препознатлива по ударниот почетен ритам со басот на Роџер Гловер и органот на Џон Лорд, но и на Јан Гилан како вокал. Тоа е жестока и психоделична “огнена топка“, која ненадејно, како космичка сила влеува во просторот и го разгорува. Нараторот опишува ненадејна појава (исто како сега по пет и пол децении), огнена, силна и речиси надреална, која го преплавува просторот. Атмосферата станува се поинтензивна: топлина, движење кое те погодува како удар. Тоа е музичка визија, која според сегашните случувања е достојна на претскажувањата од Нострадамус. Но, ајде да фрлиме малку поглед врз психата на потпалувачите и на состојбите кај нас.
Пожарите и психопатологијата
Палењето може да се појави како симптом или однесување кај различни психички нарушувања, без лицето да има пироманија. Во литературата се среќава во врска со психотични нарушувања на личноста, употреба на супстанци, нарушувања на однесувањето и други состојби. Кај некој со психоза, на пример, пожарот може да биде последица на заблуда или халуцинација. Кај манијачна епизода, мож да има импулсивност и нарушено расудување. Кај антисоцијални црти може да има намерно уништување без чуство на вина, и тоа се сосема различни психопатолошки механизми. Сепак, една заблуда е особено важна ( така вели современата психијатрија), повеќето луѓе што подметнуваат пожари, не се пиромани. Една студија на 90 повторливи подметнувачи на пожари, нашла дека само 3,3% ги исполнувале критериумите за пироманија.
Но, што е пироманија? Пироманијата е ретко психичко нарушување на контролата на импулсите. Карактеристичниот круг е – напнатост, силен нагон, подметнување пожар, возбуда, задоволство или олеснување. Човекот е фасциниран од огнот, неговото создавање и последиците, а пожарот самиот посебе станува психолошка награда. За дијагнозата, палењето мора да се повторува и да не е мотивирано од пари, одмазда, политичка цел, прикривање криминал или друга јасна корист. Се ова го кажувам за да не навлеземе во зона на заблуди и грешни квaлификации.
Во Македонија нема официјална статистика што ги дели пожарите на подметнати, од небрежност или политички. Но, има еден силен податок што го наведува ресорното министерство за земјоделие. Таму се навдеува дека речиси 95% од шумските пожари во периодот од 1999 до 2023 година биле предивикани од човекот. Тоа, сепак, не значи дека сите биле намерно подметнати оти некои биле од стрништа и земјоделски отпад, други од невнимание, палење депонии, но и од намерно палење ( најмногу) и од други причини.
За политички пожари, без конкретни истраги тешко е нешто посебно да се тврди, но секогаш имало индиции и обвинувања низ сите години, па и ова лето.
Малку ретро за некои мои репортерски искуства
Во над четиридецениските репортерски искуства, во повеќе наврати сум известувал за разни пожари на разни места и терени, дури и блиски средби со огновите, зашто камерата не трпи инпровизации, ако се сака да се долови драматичноста на опасностите. Целта е, како се доживува експресијата со својата црна динамика.
Прв случај
Едно мое летно утринско рекреирање зад Тумбе кафе, за малку ќе го доживеев како пекол. Најпрвин, од горниот пат над лозјата кај “Сива вода“, забележав еден стечаец од “Фринко“ како бере (краде) грозје полнејќи го во огромен ранец. Силно извикав, а тој како попарен избега накај “Хераклеа Линкестис“. Другиот ден, асталското грозје се најде на една тезга во пазарот. Подолу, покрај францускиот пат во боровата шума, имаше справи за вежбање, каде што ја практикував утринската вежбовна рутина, во мир и тишина. Одеднаш, од левата страна, меѓу боровите дрва осетив чад. Венаш отидов таму и забележав машка силуета, како се стрча надолу низ густежот. За среќа, гореше само сува трева, а веќе пламенот се напрегаше да ја зафати кората од еден бор. Не ги штедев патиките, па успеав пламеното островце да го изгаснам и се спуштив надолу кон “Сива вода“. Никој немаше, но веднаш преку реката здогледав уште еден стечаец од “Фринко“ (го препознав од штрајковите), кој во ливадата прскаше течост и од дупките вадеше инсекти кои рибарите ги користат на јадиците како мамци. Го прашав, дали беше тој што го запали огнот, но одрече, иако видно се преплаши. Немав доказ за да го пријавам, ама му се заканив за да не му текне повторно (ако беше тој), да не направи нешто слично. Тоа беше периодот кога “Фринко“ пропадна (2000- та година започна стечајна постапка, а во 2003 година отиде во ликвидација) предизвикувајќи масовни незадоволства и разочараност.
Втор случај
Во летната жега и голема суша на 2007 година, во Битолскиот регион имаше голем број на пожари. Во репортерските записи имав забележано како на 25 јули, огнената спирала од врвот на околните ридови наречени “Калето“ и на потегот над Ивањевци, Трновци и Свети Тодори, си поигра и направи мирикал. Огнот кој иницијално започна од кај демирхисарските села Вардино и Единаковци, преку “Калето“ кај Тревеник, се префрли од другата страна. За чудо, пламените јазици го заобиколија вакавот на тамошниот манастир “Свети Теодор Стратилот“ и започнаа да слегуваат надолу кон Свети Тодори. Тука, најголема храброст покажа Стојанче Спировски од фамилијата Грашковци, кој без двоумење со тракторот и плуг ископа бразда која го пресече патот на огнот да не стаса до куќите. Подоцна, на информативен разговор беа повикани неколку мина демирхисарци, кои од небрежност палеле стрништа и потпалата им излегла од контрола. Стојанче и денеска го споменуваат за неговата храброст.
Трет случај
Еден летен ден, по планинарски предизвик, со мојот содружник Лазе – рударски техничар во РЕК “Битола“, решивме да ја искачиме вертикалата над Курбиново и манастирот “Свети Ѓорги“ се до горниот појас на Баба, кај “Кодру“ од каде се гледа Маловишта на другата страна од планинскиот превој. На враќање, околу пладне, заседнавме во едно напуштено трло во ладовина покрај самата река. Заѕвони телефонот и ми се јави уредникот на А1-ТВ – Младен Чадиковски. Ме праша каде сум, а јас на шега му реков дека сум во рајот. Ми наложи веднаш да се спуштам и да заминам во Кичево, а таму ќе ми прати снимател од Скопје за да направиме репортажа бидејќи во шумските појаси на Букојачка планина над Зајас и Осломеј гореле повеќе огнови, сите во линија (мислам дека беа сеум) и наредени како китка. Таква временска инплозија дотогаш немав доживеано, оти во трк слеговме до манастирот и со моето “Хјундаи“ заминав за Битола, компањонот го слегов кај Монополот, а јас продолжив за Кичево. Возев многу брзо, но беше недела и немаше гужва. Таму беше и камерманот, а не пречекаа одговорните од шумското претпријатие, кои со џип не однесоа до погоден терен за да снима камерата. Зедовме изјави во кои шумарите тврдеа дека огновите се подметнати во исто време, а алузијата беше на мотиви од политичко незадоволство. Во Битола стигнав навреме, а прилогот со монтажерите го завршиме пред 19 часот и за да ги отвориме вестите. За жал, не се сеќавам на датата, но тоа беше периодот меѓу 2006 и 2008 година, кога Груевски како премиер направи коалиција со ДПА на Мендух Тачи, а ДУИ иако имаа повеќе пратеници, искажуваа разни протести и незадоволства.
Четври случај
Пожарите во Мариово се посебна приказна. Посебно изминатите денови, кога средишна точка беше Чаниште, селото со нашата сторија за “Кинескиот ѕид“. Но во моето ретро за пожарите од Старавина и Градешница, имам еден запис од 31 март 2019 година. Пожарот бил подметнат и се движел во правец на Полчиште со ниска вегетација и ниска трева, а изгореа 20 хектари борова шума. Пријавата беше поднесена во надлежната полициска станица за граничен надзор во Старавина. Ланската година меѓу Бешиште и Градешница, имаше активен пожар на први јули. Огновите започнаа во јуни и се ширеа во два крака, едниот кон Градешница, а пристап за новинарите беше забранет поради крајно отежнато и ризично гасење со опасност од детонации на заостанати гранати. Тоа е страшна иронија на Мариово – по повеќе од еден век, Првата светска војна се уште го ограничува начинот на кој може да се гаси еден обичен шумски пожар. И Пешта, меѓу Старавина и Градешница е тој простор. Значи, кога го споменувам овој моментум, мора да се има предвид невидливиот фактор од под земјата – гранати, минофрлачки и артилериски убиствени средства од фронтот, што оневозможува пожарникари да тргнат пеш. А според се, некој или некои, имале интерес, по пожарите да никне убава и сочна трева за пасење на овците и другата стока.
Петти случај
За намерно подметнување на пожари на крајбрежна вегетација особнено на трската кај Преспанското езеро, има повеќе примери и поради различни причини- пасење на кравите со млада трска, расчистување земјиште, а во поново време ширење на земјоделски површини. За ова, постои и документација за штети, но и еколошка катастрофа.
Езерани е природен мочуришен систем на устието на Голема река и Источна река. Влажните ливади и трската задржуваат седименти и отстрануваат дел од вишокот на хранливи материи и на загадувачите, пред речната вода да стигне до езерото. Тоа значи дека кога намерно се пали трска за да никне млада вегетација за добитокот, не се губи само трската, туку се оштетува природниот филтер на Преспанското езеро. А Преспа и без тоа има проблеми со нутриентите, бидејќи официјалните податоци покажуваат повисоки концентрати на нитрати и фосфор и зголемен ризик за еутрофикација. На 20- 21 април 2018 година, кај Езерани гореше траска во должина од 2 км, а во септември од Асамати исто 2 км изгорена беше трска, додека во август кај Сирхан до Отешево беа запалени стрништа и депонии, па поради силниот ветер огнот се префрли на Галичица и за среќа навреме беше изгаснат.
Но, пострашен пример се случи во јули 2025 година кога пожарите во Езерани опфатија над 500 хектари, а Македонското еколошко друштво извести дека последиците директно се одразија врз квалитетот на водата.
Шести случај
Во повеќе наврати пожарите и се закануваа и на Битола. Во јули 2024 година, избувна пожар над обиколницата, кој потоа се префрли кон куќите на Баирот, особено меѓу куќите кај Смилевски баир. Големите пожари во 2007 и 2011 година ја уништија боровата шума на ридот Баир/ Кркардаш, пошумувана од генерации битолчани, за сега да остане гола ледина.
Се сеќавам, во критичната 2007 година, пожарот започна некаде на патот за Ресен и Охрид и полека се движеше кон вертикалата. Тој моментум, први го снимивме јас и снимателот Борче од “Канал-5 ТВ“. Прв опасноста ја забележа шумарскиот инженер Павле од ШК “Кајмакчалан“ кој ми рече дека огнот до вечерните часови ќе стаса преку ридовите под “Калина чешма“ и кај Германските гробишта, кај Кркардаш и Смилевски баир, а подоцна ќе го зафати Раштани до Крклино, а со Расадникот ќе стаса до куќите на улица “7- ми Јули“. Веднаш мораше да се бара интервенција од тогашната Влада, а со огнената стихија борба се водеше цела ноќ до самите куќи. Дека цела борова, багремова и друга шума изгоре, беше сосема јасно, но во последен момент беа спасени куќите од Бирот до Ушици, Горно оризари и Раштани. Се упатуваше на намерно подметнат пожар во кој Битола остана без своите “бели дробови“ создавани со пошумување на генерации средношколци. Кои беа мотивите или поточно интересот? Единствено добро поминаа само тие што ги купија полузигорените или “испрлени“ борови и други стебла. Што би рекле, “нико видео, нико чуо“!
Сегашна апокалипса
Деновиве повторно се биеја битки со огнени закани и пожари, нетипични, подмолни и опасни. Волонтери, хуманитарци, доброволци и човекољубци секаде се вклучуваат во битка на добрите против лошите, на доброто против злото. Чаниште емотивно го доживеа заради сторија со “Кинескиот ѕид“, но Лознани и младите, храбри и одважни жители од Ивањевци, Свети Тодори и другите места кои храбро влегоа во борба со огнената стихија покажаа дека доброто може да го победи злото. Меѓу нив беа и 20 битолчани од групата ДПД “Архангел“. Од овој настан на 13 и 14 август ќе го споменам Александар Чепиговски од Ивањевци кој со својот голем трактор влезе и во огнената линија и направи бразда за да се пресече огнот. Исто така, Христијан Спировски од Рашковци кај Свети Тодори, не го штедеше својот џип пред огнените јазици во Лознани, впрочем како неговиот татко Стојанче пред деветнаесет години, кога спречи огнот да ги пеплоса куќите кај нивното село.
И уште еднаш да се навратиме на “Fireball“ od “Deep Purple“ (“Огнената топка“). Таа музичка хипербола, прелета и надживеа повеќе од половина век, да не потсети преку сегашната огнена апокалипса дека сега живееме во време кога огнот гори од милитанти и пиромани, од злото кое силно напакостува и кој знае дали и каде ќе запре со својата психоделичност.
Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.
(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)






