Градовите понекогаш остануваат дел од биографијата на големите историски личности и долго откако тие ќе ги напуштат. За Мустафа Кемал Ататурк, еден од тие градови е Битола . Оваа историска врска денес доби ново музејско поглавје со официјализирањето на донацијата од Министерството за национална одбрана на Република Турција во нашата земја.
Во рамките на официјалната посета на мајор Ондер Арикан и Едис Тахир на НУ ЗАВОД И МУЗЕЈ Битола, беше заокружен процесот на донација на предмети што во неколку наврати пристигнаа во Битола. Меѓу нив се сабја, еполета и статуата „Ататурк и Манастир“, предмети со силна симболика за периодот од животот и образованието на Ататурк и за местото што Битола го зазема во неговата биографија. Во донацијата е вклучена и опрема за мултимедија, наменета за потребите на музејската презентација.
Мустафа Кемал Ататурк се школувал во Воената гимназија во Битола кон крајот на XIX век. Повеќе од еден век подоцна, Битола продолжува да го чува и презентира овој дел од историјата пред домашните посетители и бројните гости од Турција и од светот.
-За еден музеј, вредноста на предметот никогаш не завршува само со неговата материјална вредност. Вистинската вредност е приказната што тој ја носи и можноста таа приказна да им биде пренесена на следните генерации. Оваа донација ја збогатува нашата збирка, но и приказната што Битола ја раскажува за еден значаен период од својата историја и за присуството на Мустафа Кемал Ататурк во тогашниот Манастир. Благодарни сме што ова наследство продолжуваме да го чуваме и презентираме со почит и одговорност, изјави Маргарета Спасов директорка на НУ Завод и Музеј, Битола.
Донацијата е реализирана од Министерството за национална одбрана на Република Турција, а нејзиното официјализирање го потврди продолжувањето на институционалната соработка и грижата за историското наследство што ги поврзува двете земји.
-Битола зазема посебно место во животот и образованието на Мустафа Кемал Ататурк. За нас има особено значење предметите што потсетуваат на тој период да бидат токму овде, во Битола, каде што оваа историја природно припаѓа. Со оваа донација придонесуваме кон зачувувањето на историската меморија и кон натамошното продлабочување на пријателството и соработката меѓу Република Турција и Република С. Македонија, изјави мајор Ондер Арикан.
Со донацијата, музејската приказна за Ататурк во Битола доби нови предмети преку кои посетителите ќе можат уште поблиску да го запознаат времето во кое младиот Мустафа Кемал престојувал и се образувал во градот. Историјата меѓу Битола и Турција одамна е запишана. Денес доби уште неколку предмети преку кои ќе продолжи да се раскажува.






