Вечерва на свечен начин во холот на Универзитетската библиотека “Св. Климент Охридски“ во Битола беше откриено спомен обележјето посветено на Св. Климент Охридски од авторот Зоран Николовски.
На свеченоста присуствуваше и Владиката Петар, заменик градоначалникот на Битола – Марина Крстиќ, вработени во библиотеката, уметници, гости…
Директорката на НУУБ “Св. Климент Охридски“ – Емилија Стефановска – Давкова рече:
-Искрено се радувам што проектот “Соба на Св. Климент Охридски“ е реализиран а е дел од годишната програма на Библиотеката, поддржан од Министерството за култура и туризам. Овој проект е дел од една поширока визија за библиотеката, а ќе биде надополнета со стари книги и предмети поврзани со библиотеката и Битола, како и собата со музикалии кои за брзо ќе бидат презентирани.

-Библиотеката ќе биде културна точка во Битола и треба да стане една од туристичките понуди на нашиот град. Нашата мисија е да го поврземе минатото со иднината, а ова спомен обележје е токму тоа, додаде директорката.
Авторот на спомен обележјето Зоран Николовски рече:
-Сите ние сме автопортрет на Бог кој со создал човекот и светот. А за тоа како настанува едно вакво дело ќе кажам еден успиративен начин на луѓе кои не се наши современици, а особено на луѓе кои што живееле пред 20 векови пред нас и за кои нема никаков визуелен запис како тие изгледале. Ние можеме да се повикуваме на мајсторски изработени фрески, или другои записи, на таа тема, сега мислам на Св. Климент Охридски. Но, тоа воопшто не ја олеснува задачата на било кој автор.
-Ќе се повикам на Леонардо Давинчи кои кога ја изработувал “Тајната вечера“ скиците за сите светци ги правеше низ улиците на Фиренца. Затоа единствен начин да се направи лик на таков човек е да се повикаме на лицата околу нас, и според неговото дело.
Спомен обележјето го открија директорката на Библиотеката Емилија Стефановска – Давква и авторот Зоран Николовски.
Текст и фото: Сашо Ристевски











