Во пресрет на новата академска 2026/27 година и во екот на уписите, студенти од Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола https://www.facebook.com/fssfiktbitola/?locale=mk_MK активно учествуваат во создавањето подобри услови за студентскиот живот преку низа иницијативи и проекти.
Една од последните активности е создавањето на ново студентско катче во просториите на Факултетот, иницирано и реализирано од Факултетското студентско собрание со поддршка од професори и вработени на ФИКТ, МКЦ Битола и Општина Битола.
Проектот започна во април, а во неговата реализација студентите искористија стар и неискористен мебел и материјали од Факултетот, кои беа реставрирани и повторно ставени во употреба. На тој начин е создаден функционален простор наменет за дружење, одмор, учење, размена на идеи и меѓусебно поврзување на студентите, нагласува продеканката за настава на ФИКТ, проф. д-р Мимоза Богданоска Јовановска. Активноста истовремено претставува пример за практична примена на принципите на циркуларната економија и покажува дека со иницијативност, креативност и тимска работа може да се создадат нови вредности и со ограничени ресурси.
„Целта беше старите и неискористени материјали на Факултетот да добијат нова употребна вредност, а со тоа да создадеме подобра средина за студентите“, истакнуваат од ФСС ФИКТ. Покрај студентското катче, во тек се и други студентски иницијативи. Особено внимание привлекува изработката на промотивно видео за ФИКТ, кое е целосно реализирано со ангажман на студентите – од осмислувањето на концептот и сценариото, до организацијата и снимањето. Оваа студентска иницијатива реализирана од 15 – на студенти, претставува и своевиден поттик сите заинтересирани кандидати, во пресрет на вториот и третиот уписен рок, да се запознаат непосредно од повозрасните колеги – што сè им нуди ФИКТ и зошто би одбрале да студираат токму тука: https://fikt.uklo.edu.mk/.
Од ФСС ФИКТ посочуваат дека во моментов се активни уште неколку студентски проекти, преку кои студентите имаат можност непосредно да придонесуваат за развојот и промоцијата на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола.
Активностите на студентите во изминатиот период резултираат и со зголемена медиумска видливост, преку која јавноста има можност да се запознае со нивните проекти, иницијативи и придонесот кон студентската заедница. На тој начин, студентските иницијативи стануваат важен дел од јавната промоција на ФИКТ и на можностите што Факултетот ги нуди за младите.
Според ФСС ФИКТ, целта е Факултетот да биде не само место каде што студентите стекнуваат знаење, туку и простор во кој тие создаваат, соработуваат, разменуваат идеи и активно учествуваат во градењето на студентската заеднo.






