Press "Enter" to skip to content

Мапирање на пристапноста, безбедноста и условите за движење со Smart CityZen

Во рамки на настан организиран од Општина Битола – Smart CityZen, основци,  средношколци и студенти со нивни ментори, преку гејмификација  – продолжија со мапирање на урбаната пристапност на тркала.Во рамките на Европската недела на мобилност, денеска граѓани од различни возрасни групи и лица со попреченост ја истражуваа Битола за да видат колку нашиот град е пристапен, безбеден и прилагоден за различните начини на движење.

Учесниците, заедно со Гринстарс тимот од УКЛО, предводен од професорката Рената Петревска Нечкоска, кои беа поканети на настанот,  мапираа траси, откриваа постојни проблеми на терен, ја истражуваа пристапноста, безбедноста и условите за движење низ Битола за корисниците на инвалидски и бебешки колички, велосипеди, тротинети и ролери.Освен што ги поминуваа градските правци, тие истражуваа, забележуваа, мапираа и предлагаа решенија.Со зголемена ангажираност и мотивација, учениците и студентите откриваа пречки и предизвици на рутите од Офицерски дом до гимназиите: Таки Даскало, Јосип Броз – Тито, приватното средно училиште САБА  и  CoSpace/СИЦ при УКЛО.Активностите завршија пред Офицерскиот дом, каде се собраа на дружење и споделување на искуствата од мапирањето, со цел  создавање на нашата „Визија за Битола” – идеи од младите и граѓаните за град во кој полесно, побезбедно и порамноправно се движиме сите.Градоначалникот на Битола Тони Коњановски во своето обраќање ја поздрави оваа иницијатива што подразбира мапирање на Битола со што согледуваме како различните граѓани го доживуваат движењето низ градот.Коњановски упати благодарност за „Smart CityZen“, „Гринстарс“, “European Researchers’ Night & Researchers at Schools“, Хабот за тројна транзиција и УКЛО КОЛОРС, како и до Валентин Стојановски за развојот на апликацијата.Активноста е дел од пошироката приказна на „Гринстарс – Избери наука! Градење на општеството преку наука и иновации“, со која науката излегува од лабораториите и станува дел од секојдневието.Проектот ја промовира науката како двигател на општествениот развој и ги охрабрува младите да истражуваат, креираат и своите идеи да ги претвораат во решенија и поврзана со Европската недела на мобилност 2026 чиј посебен фокус е правичноста меѓу генерациите.Настанот е заокружен со дискусија во која младите ги претставија нивните мисли и желби за Европска Битола по пет години, а по иницијатива на менторите, предложено е ова да биде задолжителна активност во училиштата, во рамки на општествено одговорната работа.Мапирањето на пристапноста, безбедноста и условите за движење низ Битола со Smart CityZen воедно е еден од низата придружни настани во рамките на Европската ноќ на истражувачите – „Избери наука! Градење на општеството преку наука и иновации“.Иницијативата Smart CityZen е започната од 2024 година во Колабораториумот Инклузивно општество преку Хабот за тројна транзиција на УКЛО КОЛОРС и Општина Битола.Нејзиното продолжување со мапирање на урбаната пристапност за пешаците на тркала е можност да  се види – „науката на терен“ со вклучување на млади што собираат податоци од реалната средина и преку нив го гледаат градот од поинаква перспектива: како простор што може да се анализира, разбере и подобри.