Дежурни јавни обвинители извршија увиди на лице место по двете тешки сообраќајни несреќи со смртни последици што се случија изминатиов викенд во близина на Куманово и Битола.
Со цел целосно расчистување на случаите, надлежните органи издадоа наредби за обдукција на починатите, како и за дополнителни технички и сообраќајни вештачења. Наредена е и детална проверка на сите околности под кои се случиле несреќите.
Првичните увидни резултати за несреќата кај Битола упатуваат на тоа дека причината за судирот е невнимателно возење. Според првичните сомненија на истрагата, едниот од возачите со својот автомобил преминал на спротивната коловозна лента, по што дошло до директен судрил со другото возило. Возачот кој преминал во спротивната насока во моментов е хоспитализиран со тешки телесни повреди, а истрагата за овој случај продолжува.
Инаку во соопшението на СВР Битола стои:
–Според информацијата од СВР Битола сообраќајката се слулчи на 19 септември во 18:29 часот патот Битола – Прилеп, кај место викано „Туланата“. Судирот настанал межу патничко возило „опел” со битолски регистарски ознаки, управувано од Е.Ф.(28) од с.Канатларци, прилепско и патничко возило „форд” со битолски регистарски ознаки, управувано од М.Н.(48) од с.Долно Српци, општина Могила. На местото на настанот починала 17-годишна сопатничка од возилото „опел“, а смрт констатирал доктор од Итна медицинска помош Битола. Возачот на возилото „опел“ Е.Ф., како и 44-годишната Д.Н. и седумгодишно дете од с.Долно Српци, сопатници во возилото „форд“ се здобиле со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола, а со повреди се здобил и возачот М.Н.






