Press "Enter" to skip to content

Самуил меѓу ослепувањето и паметењето, чиј беше Самуил (3)

Овој триптих кој патува низ времето и понира низ милениумските загатки во кои дури и најстојните и високо профилирани историчари се соочуваат со безброј предизвици, недостапност, политички притисоци и кој знае уште што, се обидов да отворам една мала врата во која ќе се потсетиме на некои факти за Самуил и неговата средновековна држава, но и за размисли што е тоа што ги разгорува националните нетрпеливости, во кои евидентно, желбата за присвојување на се и по секоја цена со секогаш актуелни асимилаторски апетити, не става во позиција на хендикеп, па и малодушност. Во првото продолжение кажав дека не сум историчар, но сега потенцирам дека немам никакви, ама баш никакви предрасуди кон оваа проблематика, која еден цел милениум има бели петна и потреба за уште многу одговори и предизвици пред историската наука, кој и да ја пишува. Читателите ги охрабрувам, нека се соочат со свој став кон понудените факти и валоризации.

9. Кога на овие простори започнува да се појавува името Македонци кај словенското население?

Се разбира, најчуствителниот дел од оваа приказна е кога и како се појавува називот Македонци во средновековните извори. Но, веднаш да направиме разлика. Македонија постои, Македонци не значи секогаш исто. Зошто е така: Името Македонија е многу постаро од Самуил. Византијците го користеле како географски и административен поим, но границите  на областа што ја нарекувале Македонија се менувала низ вековите. Особено е збунувачки што византискта “тема Македонија“ во еден период воопшто не се наоѓала во денешна Македонија, туку во Тракија.

По падот на Самуиловата држава, населението продолжува да живее во своите населби, да го зборува својот јазик и да ја користи црковната организација со центар во Охрид. Во 11. век не се појавува некоја јасна континуирана национална ознака “Македонци“ во денешна смисла. Луѓето во стариот век најчесто се идентифукувале според град или област, племе или локална заедница, вера, политичка припадност, понекогаш јазик, а во византискиот контекст како Ромеи, или припадници на Источното Римско царство.

Називот Македонци се среќава во византиската книжевност  и порано, но не може да се разбере како етничко име за словенското население оти често значело човек од Македонија, понекогаш на антички Македонци, па дури и на административна област. За тоа, мора да се гледа контекстот на секој конкретен извор. Историските промени се случуваат од 11. до 14. век на Балканот- Византија, па Бугарско царство, потоа Српска држава, повторно Византија и локални владетели. Со тоа, територијата на Македонија преминува од една политичка власт под друга. Но, населението не се заменува со секоја промена на државната граница. Што ќе рече, политичката припадност можела да биде византиска, бугарска или српска, додека локалните словенски говори и заедници продолжувале да постојат. Значи, средновековниот Македонец и современиот македонски национален идентитет не се една иста историска категорија, зашто современата национална свест се оформува постепено во 19. век.

10. Охридската архиепископија по 1018 година

Оваа црковна институција преживува цели векови по падот на Самуиловата држава и станува еден од најважните стожери преку кои се зачувуваат словенската црковна тардиција, писменоста и локалниот идентитет. И тука веќе доаѓаат Охрид, Климент, Наум, Кирил и Методиј, како и прашањето што точно значи ,“словенски“ во оваа приказна. Имено, Василиј Втори ја укинува титулата Бугарски патријарх, но не ја укинува црковната организација. Во Охрид се воспоставува афтокефална архиепископија со значитални права и широка јурисдикција. Тоа е потврдено со повеќе царски документи по 1018 година. Значи, државата исчезнала, но  институцијата и културната традиција продолжуваат, а Охрид станува голем црковен центар во рамките на Византија.

Каде се Климент и Наум во оваа приказна? Тие се многу постари од Самуил и пристигнуваат во областа кон крајот на 9. век, по мисијата на Кирил и Методиј и по нивното протерување од Моравија( според Поленаковиќ).  Само да потсетам дека УНЕСКО го опишува Охридскиот книжевен центар како место од кое писменоста, образованието и културата се ширеле низ словенскиот свет. Значи, културна нишка, а не непрекината политичка држава.

А што значи “Словен“? Во тоа време ( 10. И 11. век), означувало јазична и културна припадност, население што зборува словенски јазик, христијанска книжевна заедница што ја употребува словенската богослужбена традиција итн. А “Бугарин“ во средновековните извори, исто така, не треба механички да го изедначуваме со денешното значење на националноста. Значи грешно е ако речеме Самуил = денешен Македонец, но и Самуилово население = современи Бугари во национална смисла, бидејќи тоа се категории од различни историски епохи.

И тука Охрид станува особено важен, зашто тука се среќаваат неколку слоеви/ антички Лихнид- ранохристијански Охрид- словенизација и христанизација- Климент и Наум- бугарска државно црковна традиција- Самуил- византиска Охридска архиепископија- подоцнежни словенски тардиции. Токму затоа, Охрид не може да се запечати со една национална етикета за сите историски периоди.

11. Што знаеме за епископијата на Климент?

Климент не дошол во празен простор. По доаѓањето во 886/ 887 година од кнез Борис бил испратен во Кутмичевица, област во која влегувале Охрид и Девол. Тука не пишува само книги, туку создава образовна мрежа и обучува свештеници, учители и проповедници на словенски јазик. Бројката од 3. 500 ученици ја дава неговото житие, што значело огромна просветителска работа. Тој впрочем бил епископ од 893 година кога бил поставен на епископска функција, а Наум неговата просветителска работа ја продолжил во Кутмичевица. Климент и Наум го продолжуваат просветителското дело на солунските браќа Кирил и Методиј со преведување на богослужбени книги и библиски текстови од грчки на словенски, создавајќи словенска книжевност. Значи, кога во Охрид се создава книжевност, таа е словенска по јазик и културна традиција, христијанска по содржина, а политички се развива во рамките на Првото Бугарско царство што се покажува дека можеле да постојат истовртемено. И токму тука, подоцна почнуваат расправиите. Охридската школа некои ја нарекуваат универзитет, но сепак била голема за своето време- центар за образование, преведување, препишување и создавање словенска книжевност. И најважно, Климент и Наум не создадоа само книги, туку создадоа луѓе што знаеле да читаат, пишуваат, проповедаат и служат на соловенски јазик. Тоа е причината зошто Охридската традици преживеа и по смртта на Климент и Наум, па и по падот на Самуиловата држава.

Подоцна, имињата Македонија или Македонец добиваат поинакви значења.  И тука би застанал со потенцирање на суштината – Не само на Самуил и останатите комитопули, на нивните синови и други епигони- не треба на средновековниот човек да му одземаме идентитет – туку треба да го разбереме неговиот идентитет со категориите на неговото време.

(Крај)

Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.

(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)