Press "Enter" to skip to content

Битола живееше со науката на Европската ноќ на истражувачи 2026 (мега фотогалерија)

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола како член на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, со бројни активности ја доближи науката до граѓаните и пред сè младите, со  вклучување во Европската ноќ на истражувачи 2026.

На 24 септември програмата започна во Блисс Мол со забавни делови како „Научен лов на богатство“ и доделување сертификати на 40 –на средношколци и нивни ментори за творби на тема – Метаморфоза, изработени по конкурсот „Корени и крилја“ на УКЛО КОЛОРС.

На настанот се обрати проектниот офицер од Европската комисија за „Европската ноќ на истражувачи 2026“ г-дин Сами Бетиш.Присутните беа запознаени со активностите поврзани со оваа значајна европска иницијатива и од страна на главната координаторка, д-р Валентина Гечевска, професорка на Машинскиот факултет.Обраќање имаше и Александра Мартиновска, контакт лице за програмата Марија Кири.Централниот настан на 25 септември, во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, опфати Омаж за д-р Анастас Коцарев, македонски научник, пионер во радиологијата и онкологијата, соработник на Марија Кири, во чија чест е дизајнирана 30-годишната програма за Европската ноќ на истражувачи и Истражувачи во школи, низ цела Европа.Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски  се осврна на посветеноста на УКЛО кон манифестацијата, дека и по 15 години во фокусот е ликот и делото на д-р Анастас Коцарев, пример дека научниот успех и припадноста кон својата земја можат да одат заедно. Тој упати порака до младите македонски научници ширум светот – да ги чуваат своите корени и стекнатото знаење да го вложуваат во развојот на македонската наука и општество.-Особено ми е драго што денес, по повод овој прекрасен настан организиран од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, во рамките на „Европската ноќ на истражувачите 2026“, имаме можност да се потсетиме на животот, делото, мисијата и пораката на еден голем македонски научник, д-р Анастас Коцарев. Д-р Коцарев, по потекло од Охрид, град каде што денес делува нашиот Универзитет, дел од своето образование го стекнал и во Битола. Тој бил врвен научник, дел од самата елита на светската наука во своето време, научник чие дело било на исклучително високо ниво и кој бил близу до највисоките светски признанија. Но, Коцарев не бил само врвен научник. Тој бил и човек со јасна мисија и силна посветеност кон Македонија, македонската наука и создавањето на македонската држава.Токму неговиот пример треба да биде инспирација за младите научници од Македонија. Треба да го следиме неговиот начин на работа, неговата истрајност и неговата визија. Големите научници природно ги бараат своите кариери во големите истражувачки центри, затоа што таму често постојат услови и можности за истражување што малите држави тешко можат да ги обезбедат. Но, без разлика каде се наоѓаат и каде ја градат својата научна кариера, големите умови треба да се сетат од каде започнале – од својот град, од својата земја – и постојано да придонесуваат за развојот на науката и општеството од кое потекнуваат.  А токму преку овој настан и преку активностите на истражувачите на УКЛО испраќаме уште една важна порака, особено до младите: да ја изберат науката. „Ноќта на истражувачите“ е настан кој ја доближува и ја популаризира науката меѓу младите. Тоа е особено значајно денес, кога голем дел од научната работа може да се реализира и на далечина, нешто што до пред десетина години беше многу потешко или невозможно.Денес младите можат да размислуваат за научна кариера и за работа на врвни научни проекти, без притоа нужно да мораат да заминат од својот град или од својата држава. Науката, пред сè, се работи со љубов. Затоа е многу важно уште од најрана возраст кај младите кои имаат интерес и предиспозиции за наука да се поттикнува љубопитноста, истражувачкиот дух и желбата за нови сознанија. Токму така треба да ја гледаме и оваа активност на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола – како можност да ги мотивираме младите, вклучително и најмладите, уште од основното образование да почнат да размислуваат како истражувачи: да поставуваат прашања, да истражуваат, да се сомневаат и да бараат одговори. Затоа што сомнежот е една од водилките на науката. А со помош на новите технологии, денес имаме можност да создадеме услови нашите млади да работат на врвни научни проекти и одовде – од својот град и од својата држава.Како претставник од семејството, д-р Соња Коцарева Трпезановска се осврна на значењето на Анастас Коцарев, неговата поврзаност со Македонија и исклучителното научно наследство, посочувајќи дека неговото дело е светол пример и инспирација за младите да ја засакаат и да и се посветат на науката, а идните истражувачи да продолжат да го откриваат и афирмираат неговото значајно наследство.-Со огромно задоволство ви се обраќам и ви се заблагодарувам, бидејќи во рамките на овој проект – Европска ноќ на истражувачи, Универзитетот Св. Климент Охридски од Битола, повторно го актуелизира научното наследство на еден наш научник од светски ранг кој и после толку години сеуште се цитира во светската научна литература. Д-р Анастас Коцарев бил пионер во радиологијата и онкологијата, почесен професор по експериментална медицина и патологија на престижниот универзитет Сорбона во Париз и почесен професор на америчкиот колеџ во Истанбул, со две докторски дисертации. За својата исклучителна работа во експерименталната медицина како и заради резултатите кои во тоа време ги добивал, станал Лауреат на Париската Медицинска академија. Тој за прв пат во светот направил слика на фотографска плоча на малигно ткиво, метастаза на карлична коска, која сакал да ја именува по својата учителка Марија Кири, како кириграфија.За неговата работа било пишувано во низа медицински списанија, но и во престижните Тајм и Сајанс, каде бил и јавно повикуван да продолжи со своите истражувања во Америка. Сите овие истражувања ги работел во време кога директор на лабораторијата за радиоактивност во Сорбона, била Марија Сколодовска Кири со која тесно соработувал и на која срдечно и се заблагодарувал, во својата монографија нарекувајќи ја негова драга учителка. Ние потомците на фамилијата Коцареви растевме со сите овие раскажувања за него. Со развојот на науката особено со подемот на информатиката сите негови достигнувања осамнаа на интернет. Ете така приказната со која растевме раскажувана од нашите предци одеднаш стана вистинска.На мое огромно задоволство во 2011 година во Битола, за прв пат во нашата земја, беше говорено за ликот и делото на д-р Коцарев, а во рамките на Европскиот проект Истражувачка видливост. Почитуваниот проф. д-р Божин Доневски, кој за жал не е веќе меѓу нас, беше носител на овој проект, а на предлог на проф. д-р Љупчо Трпезановски, кој постојано ја слушаше приказната од мене и со кој заедно го направивме истражувањето. Проектот беше во рамките на чествувањето 100 години од Нобеловата награда за Хемија на Марија Кири. Во рамките на овој проект беше изработен и документарен филм врз напишан текст од моја страна, објавен уште во 2009 година во медицинското списание Вокс Медици. Во 2025 година за прв пат во нашата земја беше направен омаж во негова чест, во Музејот на македонската борба, во Скопје, во присуство на Претседателката, амбасадорите на Франција и Швајцарија во Македонија, бројни истакнати научни и општествени личности како и голем број од потомците на д-р Коцарев.Во 2026 година Претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска Давкова, постхумно го одликува со Орденот – Илинден 1903 година  Фамилијата Коцареви орденот го отстапи на Музејот во Охрид, Куќата на Робевци, како и неговиот портрет со оригинален потпис, кој беше реликвија на нашето семејство.  Сите овие активности во мене и во мојата фамилија даваат верба дека еден ден со помош на Државните институции ќе успееме да го вратиме да почива во нашата земја. Д-р Анастас Коцарев треба да почива тука во својата татковина Македонија и да се изучува како светол пример за идните генерации, бидејќи само ваквите примери кои ги имало во минатото, но ги имаме и денес треба да бидат водилка во животот на младите за понатака да ја засакаат и да и се посветат на науката. Се надевам исто така дека многу млади научници ќе продолжат да истражуваат и обелоденуваат нови податоци за неговиот живот и за неговите научни достигнувања.Омажот доби и посебна човечка интонација – потсетувајќи нè дека зад секое научно откритие, секоја идеја и секое истражување стои човекот со својата љубопитност, визија, искуство и желба да остави трага. Со својата непосредност, топлина и умешност, проф. д-р Билјана Граматковски ги поврза научната мисла и животот, со што даде посебен печат на настанот во улога на модератор.На настанот му претходеше средба со млади истражувачи „Научни рефлексии“ во којшто –  извонредни млади и искусни истражувачи од Македонија кои дејствуваат и работат во земјава и светот, споделија свои научни и истражувачки искуства. Toa беше можност соорганизаторот, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, со директорката, м-р Емилија Стефановска – Давкова уште еднаш да ја потврдат улогата не само како чувар на книги, туку и како чувар на научното и културното наследство – место каде што знаењето се чува, проверува, споделува и создава.Како содржински и организациски партнер на „Избери наука!“, Библиотеката ја поврза богатата научна традиција со новите генерации истражувачи, создавајќи простор за размена на знаења, идеи и научни искуства, а приреди и изложба со автентични артефакти посветени на д-р Анастас Коцарев.-Денес, нашата Библиотека има чест укажана од страна на УКЛО и алијансата КОЛОРС да биде домаќин и коорганизатор на настан кој ја обединува научната мисла, истражувачкиот дух, знаењето и колективната меморија. Со ова, уште еднаш покажуваме дека науката, образованието, културата и библиотечната дејност природно се надополнуваат и заеднички создаваат простор за нови идеи, истражувања и европска соработка. Како што кажувам секогаш и во претходните мои говори, нашата НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола не е само место каде што се чуваат и издаваат книги. Таа е национална, универзитетска и депозитна библиотека која од 1954 година чува сѐ што е издадено и запишано во нашата држава како задолжителен т.е. архивски прмерок, тоа значи дека оваа Библиотека е наша ризница за нашето национално книжно и некнижно библиотечно богатство, а со тоа и наша огромна одговорност.  Нашите библиотекари обезбедуваат стручна помош при подготовка и пишување на стручни, истражувачки и научни трудови, насочувајќи ги корисниците кон соодветна литература, научни публикации, зборници, весници, списанија, архивски материјали и други пишани извори.  Исто така, библиотечните ресурси денес не завршуваат на полиците! Оваа наша современа библиотека обезбедува и пристап до дигитални и онлајн бази на податоци и информации, електронски публикации, научни извори и современи алатки за истражување. На тој начин, традиционалното библиотекарство и современите технологии се поврзуваат во една целина чија основна цел е иста, да обезбедат пристап до точна, релевантна и вредна информација!Затоа библиотеката денес не е само чувар на знаењето, туку и активен партнер на научникот, истражувачот, професорот, студентот и ученикот. Токму затоа особено значење има денешната програмска целина посветена на животот и делото на д-р Анастас Коцарев, чие име останува запишано во историјата на медицината и науката и преку научните рефлексии, спомените, документите и изложените артефакти, денес ние не се навраќаме само кон едно значајно име од минатото. Ние испраќаме порака дека научните достигнувања, трудот и визијата на луѓето кои оставиле трага мора да бидат сочувани, истражувани и пренесувани на идните генерации.Раководителка на проектот за УКЛО, проф. д-р Рената Петревска – Нечкоска истакна дека ваквите иницијативи се важен поттик за зачувување на научната меморија и за инспирација на новите генерации да продолжат да трагаат, да истражуваат, да  создаваат и да ја избираат науката.-Преку проектот Гринстарс – „Избери наука! Градење на општеството преку истражување и иновации“, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ја нагласува важноста на науката, истражувањето и споделувањето на знаењето, особено меѓу младите и пошироката јавност. Нашата цел е да создадеме простор во кој љубопитноста се претвора во прашања, прашањата во истражување, а истражувањето во нови идеи и промени. Проектот ги поврзува универзитетот, истражувачите, професорите, бизнис-секторот и граѓанското општество, создавајќи можности за: поттикнување на интересот и љубопитноста за науката кај младите.  Науката започнува со едно едноставно прашање: „Зошто?“ Промената започнува кога ќе се осмелиме да го поставиме. И затоа –  заедно да ја приближиме науката до секого за да ја поттикнеме љубопитноста што создава промени.Активностите поврзани со Европската ноќ на истражувачи 2026 се реализираа во рамки на проектот CHOOSE SCIENCE – „Избери наука! Градење на општеството преку истражување и иновации“.

Линк за фотогалерија: 

https://www.facebook.com/photo/?fbid=1726458412526311&set=pcb.1726472829191536

 

More from ВестиMore posts in Вести »