Press "Enter" to skip to content

Започна новата академска година на УКЛО – Битола (фотогалерија)

Со Прв академски час, на сите единици на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола започна академската 2026/2027 година, проследена со срдечни пораки до студентите за успешен почеток.Во рамки на работната посета на единици на УКЛО во Битола, ректорот проф. д-р Игор Неделковски присутвуваше на свеченоста на Факултетот за биотехнички науки од каде се упатени најубави желби за успешно студирање и исполнет студентски живот, кон што се приклучи деканката, проф. д-р Елена Јошевска и продекани од оваа единица.

Свечениот момент на овој Факултет и реално и симболично беше посветен на современите академски вредности: еднаквост, почитување, солидарност и инклузивност, потврдувајќи се како академски дом за секој студент, место за еднаква можност за едукација, развој и рамноправност.При посетата на Факултетот за информатички и комуникациски технологии,  промовирано е Студентското катче – нов простор за студентска интеракција, размена на идеи и иницирање нови активности.  По повод пригодата, студентите од име на ФИКТ и сите вработени, ги поздрави деканот, проф. д-р Благој Ристевски.Ректорот, Игор Неделковски од име на УКЛО посочи:-Денеска е празник за Универзитетот, нова генерација на студенти на додипломски студии, популарните бруцоши. Ги отвораме вратите, ги запознаваме со начинот на студирање. Ние сме горди, бидејќи и оваа година, трета година по ред, расте бројот на запишани студенти на прв циклус додипломски студии, во услови кога се намалува бројот на матуранти константно во Македонија, што значи дека јавноста, младите луѓе ја препознаваат вредноста на овај Универзитет и ни ја даваат нивната доверба. Ние како академски кадар на УКЛО, а и сите други вработени, сме должни да ја оправдаме нивната доверба и да им дадеме соодветно знаење со кое ќе можат потоа да го продолжат својот професионален живот. На сите факултети денеска имаме отворање и на Високата медицинска школа, и секако, задоволство ми е што можам да бидам присутен на неколку единици. Учете за знаење, бидејќи со тоа што ќе го научите за овие четири години, наредните 40 ќе треба да работите, заработувате, да создавате свои семејства, но не само да учите, дружете се, забавувајте се и користете ги сите можности што Универзитетот ги дава како член на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС.Посакувајќи успешен и среќен почеток во новата учебна година, градоначалникот Тони Коњановски изрази задоволство дека заедно е постигнат уште еден мал проект,  исчекор, што ја покажува одличната соработка меѓу локалната самоуправа, меѓу граѓанскиот сектор, меѓу Универзитетот, меѓу студентите и колегите.-И ова е уште еден знак дека продолжува соработката меѓу Универзитетот, меѓу локалната самуправа, во делот на студентската летна пракса и практикантство, која еве, станува модел за многу општини и на централно ниво. Радува фактот, дека бројот на студенти запишани на нашиот Универзитет се зголемува, скоро за 10 отсто и се враќа на позицијата на кој бил секогаш  и според мене, со гордост кажуваме дека е универзитетски центар, и со активности продолжуваме и понатаму. Благодарам на студентите за препознавањето, за вложениот ангажман –  за прекрасното катче, кое денес го имаме со циркуларната економија, со рециклирани материјали, така да, продолжуваме понатаму, со целата поддршка која ја дава локалната самоуправа на студентите и на Универзитетот.Централниот настан се одржа на Правниот факултет – Кичево, дисперзирани студии во Битола, во присуство на ректорот Неделковски, раководството на Факултетот, градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски и претставници од институционалниот и професионалниот сектор.Во своето обраќање, деканката проф. д-р Светлана Вељановска упати желби за успешна и плодна академска 2026/2027 година, осврнувајќи се на зголемениот интерес за правните науки и улогата на високото образование и стручноста во градењето на перспективите на младите и општеството. Оваа порака најде своја потврда и во обраќањата од присутните гости, кои го истакнаа значењето на образованието и младите за идниот развој на локалните самоуправи, но и за напредокот на пошироката заедница.Со Првиот академски час, УКЛО ја започна новата академска година во духот на знаењето, заедништвото и активното студентско учество, со јасна определба –  универзитетскиот простор да биде средина за  едукација, развој, инклузија, поврзување, дружење и создавање нови идеи.

М-р Елизабета Ангелеска – Атанасоска

Фото: Дамијана Ристевска

Линк за фотогалерија:

https://www.facebook.com/photo/?fbid=1729692518869567&set=pcb.1729694662202686

More from ВестиMore posts in Вести »