Креативен есенски пикник на Пелистер: Децата твореа, спортуваа и уживаа во природата Уметност на чист воздух…Виолина, детски гласови, бои, книги, спорт и многу насмевки ја исполнија Голема Ливада на Пелистер оваа сабота, каде што се одржа „Креативниот есенски пикник“, во организација на Советот за превенција од детско престапништво на Општина Битола и „Сложувалка срце“ како дел од превентивните активности за насочување на децата и младите кон здрави животни навики, спорт, движење, творење и читање.
Во прекрасниот есенски амбиент на Баба Планина, ученици, наставници, ментори и родители поминаа ден исполнет со интересни ,активности кои имаат една заедничка цел – децата и младите слободното време да го исполнуваат со спорт, движење, творење, читање и дружење. Креативниот пикник беше организиран преку повеќе катчиња – музичко, литературно, ликовно и спортско, каде што секое дете можеше да најде активност што му одговара. Во музичкото и литературното катче, учество зедоа ученици и ментори од ОУ „Св. Кирил и Методиј“.
Посебно внимание привлече ученичката Карла Гараблијевиќ, која со својата виолина создаде прекрасна музичка атмосфера. Додека учениците твореа и се дружеа, во позадина се слушаа звуците на виолината на Карла, кои дополнително ја збогатија атмосферата на есенскиот пикник. На крајот од музичкиот дел, Карла пред присутните изведе две композиции, меѓу кои и „Чардаш“, под менторство на наставничката по Музичко воспитание Катерина Пејовска. За спортскиот дел од програмата беа задолжени наставничките од „Сложувалка срце“, кои преку интересни спортски активности ги поттикнаа децата на движење, игра и тимска работа.
За спортскиот дел од програмата беа задолжени наставничките од „Сложувалка срце“, кои преку интересни спортски активности ги поттикнаа децата на движење, игра и тимска работа.
Во ликовното катче, Арт студио „Имагинариум“, заедно со наставничката по ликовно воспитување Христина Стојанова, ги инспирираа учениците да ја изразат својата креативност преку ликовни творби на тема „Есен“. Боите, природата и есенскиот амбиент на Пелистер беа дополнителна инспирација за младите творци. Креативниот есенски пикник имаше и инклузивен карактер, бидејќи во активностите учествуваа и ученици од ОУ Ресурсен центар „Кочо Рацин“, со што уште еднаш се испрати порака дека ваквите активности треба да бидат достапни за сите деца и младите заедно да создаваат, спортуваат и се дружат.
На настанот присуствуваа и претседавачот на Советот за превенција од детско престапништво, Жанета Ристевска, и заменик претседавачот Митко Бошевски, кои ги поздравија учениците, наставниците, менторите и родителите присутни на Голема Ливада. Од Советот за превенција од детско престапништво посочуваат дека ваквите активности се дел од нивната континуирана работа со децата и младите. Покрај трибините, работилниците и едукативните предавања со учениците, Советот организира и настани преку кои се промовираат здрави животни навики, спортот, творештвото, читањето, дружењето и позитивното користење на слободното време. „Нашата цел е децата и младите да бидат креативни, а не девијантни, да не потпаѓаат под негативни влијанија и да не се насочуваат кон насилничко однесување, вандализам и зависности. Токму затоа организираме активности преку кои им нудиме позитивни содржини и можности за развој“, велат од Советот. Оттаму додаваат дека нивната работа е препознаена и на национално ниво. На работна средба на Државниот совет за превенција од детско престапништво, претставниците од Битола биле пофалени за досегашната работа, а Советот од Битола добил задача да ги менторира Советите кои започнуваат со работа, особено во делот на подготовка на програми и извештаи. Креативниот есенски пикник на Пелистер покажа дека превенцијата може да се гради и преку убави, позитивни и инспиративни искуства.
Наместо пасивно поминување на слободното време, децата имаа можност да бидат активни – да спортуваат, читаат, цртаат, слушаат и создаваат музика, да се дружат и да уживаат во природата. И токму во тоа е пораката на овој настан: децата да имаат можност да го изберат творештвото, спортот, книгата, музиката и дружењето како свој простор за растење и развој.
Фото: Дамијана Ристевска
Линк за фотогалерија: https://www.facebook.com/share/p/14m3MJe3smp/






