
Во пресрет на Светскиот ден на менталното здравје – од зборови кон вистинска грижа. Во свет во кој сите сме постојано поврзани преку телефони и социјални мрежи, можеби ни е потребно повторно да научиме една едноставна човечка вештина – да седнеме еден до друг и навистина да се слушнеме. Да прашаме. Да слушнеме. Да забележиме. Да помогнеме. Да преземеме нешто.
Денес сè почесто зборуваме за менталното здравје. Зборуваме за стрес, анксиозност, прегорување, осаменост, депресија, за потребата да се грижиме за себе. И тоа е важно. Но, едно прашање заслужува да си го поставиме: Кога некој до нас навистина не е добро – дали знаеме да го слушаме? И уште поважно: дали знаеме да направиме нешто?
Понекогаш грижата не е голема реченица, совет или објава на социјалните мрежи. Понекогаш грижата е да седнеме до некого и да кажеме: „Тука сум. Кажи ми што ти се случува.“ Без осудување. Без веднаш да даваме решение. Без „ќе ти помине“, „не мисли на тоа“, „има и полошо“. Да се слуша не значи само да се молчи додека другиот зборува. Да се слуша значи да се обидеме да го разбереме човекот пред нас.
Дете кое станува повлечено, тинејџер кој нагло го менува однесувањето, родител кој постојано вели дека е уморен, колега кој повеќе не е истиот човек, пријател кој престанува да се јавува…
Можеби не секогаш знаеме што им се случува. Но можеме да забележиме. Можеме да прашаме. Можеме да останеме присутни. И, кога е потребно, можеме да помогнеме човекот да стигне до стручна помош.
Грижата за менталното здравје не треба да биде тема само на 10 Октомври. Таа треба да стане дел од нашето секојдневие – во семејството, училиштето, работното место и во нашите односи со луѓето. Особено важно е да научиме да ги слушаме децата и младите. Не секое проблематично однесување е непослушност. Не секоја повлеченост е „фаза“. Не секој пад на успехот е мрзеливост.
Понекогаш однесувањето е порака.
И наместо веднаш да прашаме: „Што му е на детето?“, можеби треба да прашаме: „Што се случува со детето?“ Тоа е голема разлика.
Од зборови кон дела
Менталното здравје не го подобруваме само со тоа што ќе кажеме „зборувајте за своите чувства“. Треба да создадеме средина во која човекот ќе се чувствува безбедно да зборува.
Тоа значи: да прашаме како е некој – и навистина да го слушнеме одговорот, да не ги минимизираме туѓите чувства, да не се срамиме да побараме стручна помош, да им покажеме на децата дека е во ред да кажат „не сум добро“, да обрнеме внимание на промените во однесувањето, да не чекаме проблемот да стане голем за да реагираме и да бидеме поддршка, но да знаеме кога е потребен психолог или друг професионалец.
Грижата не е само да кажеме „тука сум за тебе“. Грижата е навистина да бидеме тука.
Затоа што понекогаш една искрена реченица – „Како си, навистина?“ – може да биде почеток на разговор кој некому му бил потребен многу одамна. А вистинската грижа започнува тогаш кога нема само да прашаме, туку ќе останеме да го слушнеме одговорот.
Пет работи што можете да ги направите уште денес
1. Прашајте: „Како си, навистина?“ Не прашувајте само од навика. Погледнете го човекот во очи и оставете му простор да одговори искрено.
2. Слушајте без веднаш да давате совет. Понекогаш човекот нема потреба некој да му го реши проблемот. Има потреба некој да го разбере
3. Не ги минимизирајте чувствата. Реченици како „не е ништо“, „ќе ти помине“ или „има луѓе со поголеми проблеми“ можат да направат човекот да се почувствува уште поосамен. Наместо тоа, кажете: „Разбирам дека ти е тешко. Сакам да те слушнам.
4. Забележете ги промените. Повлекување, губење интерес за работи што некогаш радувале, промени во однесувањето, спиењето или секојдневното функционирање можат да бидат знак дека на човекот му е потребна поддршка.
5. Помогнете му да побара помош. Да се побара помош од психолог или друг стручен професионалец не е слабост. Напротив, тоа е знак дека човекот се грижи за себе и сака нешто да промени.
И уште нешто важно…
Не мора да бидеме психолози за да покажеме човечка грижа. Не можеме секогаш да го решиме туѓиот проблем, но можеме да не го оставиме човекот сам со него.
Затоа, овој 10 октомври, наместо само да зборуваме за менталното здравје, да направиме нешто конкретно. Да се јавиме на некого. Да прашаме. Да слушаме. Да забележиме. Да помогнеме.
Менталното здравје не е тема само за еден ден. Грижата е потребна секој ден.





