Press "Enter" to skip to content

Совети од психолог: “Мисли со своја глава“

“Мисли со своја глава“ – слушајте, читајте, учете, користете ја технологијата, но задржете го правото и одговорноста самостојно да расудувате. 

Стравот од осуда, потребата за одобрување и избегнувањето конфликт можат да нè наведат да го потиснеме сопствениот став. Понекогаш е полесно да кажеме: „И јас така мислам“, отколку да застанеме зад сопственото размислување. Живееме во време кога секојдневно сме изложени на илјадници информации, туѓи ставови, совети и мислења. Со еден клик можеме да дознаеме што мислат експертите, инфлуенсерите, политичарите, пријателите, па дури и непознатите луѓе на социјалните мрежи.

Но, дали тоа значи дека навистина размислуваме?

Да се биде информиран не значи автоматски да се има сопствено мислење. Понекогаш, наместо да размислуваме, само ги преземаме туѓите ставови и ги повторуваме како да се наши. Да мислиш со своја глава не значи секогаш да бидеш во право, ниту да се согласуваш или спротивставуваш на мнозинството. Тоа значи да умееш да слушаш, да поставуваш прашања, да анализираш, да споредуваш аргументи и самостојно да донесуваш заклучоци.

Зошто толку лесно ги прифаќаме туѓите мислења?

Од психолошки аспект, човекот има природна потреба да припаѓа на група, да биде прифатен и да се чувствува сигурно. Затоа понекогаш се согласуваме со мнозинството, дури и кога длабоко во себе не сме убедени дека тоа е исправно. Понекогаш е полесно да кажеме: „И јас така мислам“, отколку да застанеме зад сопственото размислување. Но, вистинската самостојност започнува тогаш кога ќе научиме да разликуваме што навистина мислиме, а што сме прифатиле само затоа што го слушаме од сите страни.

Во ерата на вештачката интелигенција, кој размислува наместо нас?

Денес, вештачката интелигенција може да ни понуди одговори, анализи и решенија за неколку секунди. Таа е корисна алатка за учење, истражување и полесно извршување на секојдневните задачи. Но, постои една важна разлика: технологијата може да ни помогне да дојдеме до информации, но не треба да ја преземе одговорноста за нашето расудување. Ако престанеме да проверуваме, да поставуваме прашања и критички да размислуваме, ризикуваме да станеме само пасивни приматели на туѓи и генерирани содржини. Не е проблемот во тоа што бараме помош од технологијата, туку во тоа ако престанеме да размислуваме самостојно.

Како до сопственото мислење?

-Не прифаќајте секоја информација како вистина. Проверете го изворот.

-Не дозволувајте бројот на лајкови и следбеници да биде мерило за вистинитоста.-Слушајте ги и мислењата со кои не се согласувате.

-Поставувајте прашања и барајте аргументи, а не само убедливи зборови.

-Не плашете се да имате поинаков став од мнозинството. Бидете подготвени да го промените мислењето кога ќе добиете нови и валидни докази.

Наместо заклучок…

Филозофот Имануел Кант уште во 1784 година ја истакнал важноста човекот да се осмели да го користи сопствениот разум. Денес, повеќе од два века подоцна, неговата порака е можеби поактуелна од кога било.  Во свет во кој сите имаат мислење, важно е да имаме и сопствено. Во свет во кој сите нудат одговори, важно е да знаеме да поставуваме вистински прашања.

Не дозволувајте туѓите мислења да станат замена за вашето размислување.

Важно е да знаеме зошто ние самите мислиме така.  Мислете со своја глава. Тоа е една од најважните вештини за слободен, самостоен и одговорен човек.

ВЕШТИНА ШТО НИ Е ПОТРЕБНА ПОВЕЌЕ ОД КОГА БИЛО.

More from СоветиMore posts in Совети »