
„Што ќе речат луѓето?“ е реченица што ја слушнале многу генерации. Колку пати сме се откажале од нешто што го сакаме затоа што сме се плашеле од туѓите коментари? Колку пати сме премолчеле, сме се приспособиле или сме донеле одлука само за да не разочараме некого? Зошто толку многу се грижиме што ќе кажат другите и како да престанеме да живееме според туѓите очекувања?
Порано, денес, а веројатно и во иднина, луѓето ќе се прашуваат како нивните постапки ќе бидат прифатени од околината. Но, дали денес размислуваме поинаку од нашите родители и баби и дедовци?
Човекот е социјално суштество. Природно е да сакаме да бидеме прифатени, сакани и почитувани. Проблемот настанува кога потребата за прифаќање станува поважна од сопствените потреби, вредности и чувства.
Постарите генерации растеле во поинакво време. Особено оние што живееле во периодот на социјализмот, кога семејството, соседството и угледот во заедницата имале големо значење. Се внимавало како се однесуваш, како се облекуваш, со кого се дружиш и што ќе кажат соседите. Во многу семејства било важно да не се зборува лошо за нив и да не се наруши семејниот углед.
Ако некој направел нешто што отстапувало од очекувањата на средината, често следувале коментари, озборувања или осуда. Затоа многумина научиле да внимаваат на секој свој чекор и да ги ставаат очекувањата на другите пред сопствените желби.
Порано: „Важно е што ќе кажат луѓето“.
Многу родители ги воспитувале своите деца со намера да ги заштитат од осуда и срам. Им велеле да внимаваат што прават, да не ги разочаруваат другите и да не даваат повод за озборување. Често тоа било сфаќано како воспитување, почит и одговорност кон семејството. Но, кај некои луѓе можело да создаде и страв од грешки, страв да постават граници и кажуваат „НЕ“кога би требало, потреба постојано да се докажуваат и тешкотија да донесуваат одлуки според сопствените желби.
Денес: Сакаме да бидеме свои, но повторно се грижиме што ќе кажат другите
Денешните генерации имаат повеќе можности сами да одлучуваат за својот живот. Полесно се зборува за личните граници, менталното здравје, различностите и правото човек да избере сопствен пат. Младите денес можеби полесно ќе одлучат да сменат работа, да се преселат во друг град, да изберат партнер според сопствените чувства или да не ги следат сите традиционални очекувања на семејството.
Но, тоа не значи дека престанале да се грижат за туѓото мислење. Наместо коментарите од соседите и роднините, денес големо влијание можат да имаат социјалните мрежи, реакциите на пријателите, бројот на допаѓања и потребата да се прикаже успешен и среќен живот.
Порано некој можеби се плашел што ќе кажат соседите, а денес некој се прашува што ќе помислат пријателите кога ќе ја видат неговата објава на социјалните мрежи. Времето се менува, но потребата да бидеме прифатени останува иста.
Кога туѓото мислење почнува да ни го диктира животот?
Сосема е нормално да ни биде важно мислењето на луѓето што ги сакаме и почитуваме. Проблемот настанува кога поради стравот од нивната реакција се откажуваме од работите што ни се важни.
На пример, некој може да остане на работа на која не е задоволен затоа што се плаши што ќе кажат другите ако даде отказ. Друг може да остане во врска што не го исполнува, само за да не биде предмет на разговор. Некој, пак, нема да се осмели да започне нешто ново затоа што се плаши дека ќе не успее и другите ќе му се потсмеваат.
Со текот на времето, може да заборавиме да се прашаме што навистина сакаме, затоа што постојано размислуваме што е прифатливо за околината.
Дали постарите генерации ни го пренеле стравот од туѓото мислење?
Во некои семејства, да. Начинот на размислување често се пренесува од генерација на генерација, понекогаш и без да бидеме свесни за тоа.
Социјалните мрежи – денешното „Што ќе речат луѓето?“
Ако порано луѓето се прашувале што ќе кажат соседите, роднините и колегите, денес истото прашање често се поставува и на социјалните мрежи. Само што денес, покрај мислењето на луѓето што ги познаваме, нè загрижува и мислењето на оние што можеби никогаш нема да ги сретнеме во живо. Можеби денешното „Што ќе речат луѓето?“ не се слуша само во разговорите со соседите, туку се крие и зад секоја фотографија, секоја објава и секоја потреба да добиеме потврда од другите.
Бидејќи, без разлика дали живееме во времето на нашите родители или во времето на социјалните мрежи, вистинското прашање останува исто: дали го живееме животот што го сакаме или животот за кој сакаме другите да мислат дека го живееме?
Како да престанеме постојано да се прашуваме што ќе речат другите?
Кога ќе се најдеме пред важна одлука, можеме да си поставиме неколку едноставни прашања: Дали ова го правам затоа што го сакам или затоа што се плашам што ќе кажат другите? Дали навистина правам нешто погрешно или само некој нема да се согласи со мене? Дали би ја донел истата одлука ако не се плашев од туѓите коментари? Дали со постојаното приспособување ги занемарувам сопствените потреби? Важно е да научиме да кажеме „не“ кога нешто не ни одговара, да прифатиме дека не секој ќе се согласува со нас и да разбереме дека не можеме да ги задоволиме сите.
Тоа не значи да станеме себични или да не ги почитуваме другите. Значи да најдеме рамнотежа меѓу грижата за околината и грижата за себе. Не можеме да спречиме луѓето да зборуваат, да коментираат или да не се согласуваат со нашите избори. Но, можеме да одлучиме колкаво влијание ќе им дозволиме врз нашиот живот.
Затоа, следниот пат кога ќе се запрашаме „Што ќе речат луѓето?“, можеби треба да застанеме и да се прашаме: „А што навистина сакам јас?“
Зашто, на крајот, важно е не само како нè гледаат другите, туку и дали ние сме задоволни од животот што го живееме.






