Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола уште еднаш ја потврдува својата меѓународна научна тежина. Според најновата ранг-листа објавена од престижниот американски Универзитет „Стенфорд“ и научната издавачка куќа „Елсевир“ за 2026 година, проф. д-р Анка Трајковска Петкоска од Технолошко-техничкиот факултет – Велес е рангирана меѓу топ 2% највлијателни научници во светот според бројот на цитирања на авторски објавени трудови.
Годинава Македонија бележи значаен напредок на светската научна сцена со вкупно 11 истражувачи застапени на оваа елитна листа, што е пораст од 22,2% во споредба со претходната година, позиционирајќи ја земјата на 106. место во светот според бројот на рангирани научници. Меѓу овие врвни научни умови кои го претставуваат кремот на македонската наука е токму и професорката Трајковска Петкоска од УКЛО која истакнува:
-Со ова рангирање се потврдува фактот дека и ние имаме капацитет и знаење да постигнeме успех кој ќе биде видлив т.е. препознаен и од страна на странските агнеции кои ги прават овие рангирање. Тоа ми дава уште поголема верба дека вредиме на светско ниво, без оглед каде сме географски лоцирани или од каде потекнуваме. Ова глобално признание е директен одраз на нејзиниот исклучителен и континуиран истражувачки труд во областа на инженерството на материјали, нанокомпозитите, тенките филмови и нанотехнологиите. Нејзините трудови се суштинска референца во меѓународната академска заедница, што директно придонесува за зголемување на видливоста и реномето на нашиот Универзитет.
Ректорот на УКЛО проф. д-р Игор Неделковски посочува:
-Oва е уште едно историско постигнување на УКЛО за кое можевме да сонуваме, а се гордеевме што барем наши надворешни соработници – членови на УКЛО Мрежата се наоѓаат на оваа најпрестижна светска листа на водечки научници. Дојде време кога сонот стана јаве и наш вработен, професорката Анка Трајковска Петковска од Технолошко техничкиот факултет се најде меѓу првите 2% најцитирани, што ќе рече најдобри научници во светот, четврто рангирана од вкупно 11 македонски научници на оваа листа за 2026 година. Професорката Анка е повеќе години со ред водечки научник на нашиот Универзитет и најзаслужна за добивањето како почесен професор на првиот нобеловец во редовите на УКЛО, проф. Ден Шехтман. Со успехот на нашата професорка се гордее и радува целиот УКЛО.
Проф. д-р Трајковска Петкоска е докторанд на престижниот Универзитет во Рочестер, САД. Во својата богата кариера таа постојано бележи врвни успеси, а веќе се има закитено и со признанијата за најдобар и најплоден научник на УКЛО и Едукатор на годината во технологијата. Нејзиниот најнов пласман на Стенфордовата листа е круна на долгогодишната работа и јасен доказ за синергијата меѓу домашниот академски капацитет и глобалните научни стандарди.
Да се има претставник на престижната Стенфорд листа меѓу топ 2% највлијателни истражувачи во светот е чест каква што посакува секоја високообразовна институција. Успехот на проф. д-р Анка Трајковска Петкоска е инспирација и светол пример за сите наши професори и студенти. Тој уште еднаш докажува дека во рамките на УКЛО се создава наука со врвен импакт кој ги преминува националните граници.
https://topscinet.com/countries/north-macedonia/#google_vignette






