Press "Enter" to skip to content

Планинарите ја исполнија салата на Офицерскиот дом во Битола на предавањето за безбедно планинарење во зима (фотогалерија)

Офицерскиот дом во Битола синоќа беше преполн. Голем број планинари, членови на планинарски клубови и љубители на планината го проследија предавањето „Безбедно движење во планина во зимски услови“ во организација на Федерацијата за планинарство на Северна Македонија (ФПСМ), со поддршка на Општина Битола и на КИЦ – Битола.Огромниот одзив, токму на прагот на зимската сезона, покажа дека безбедноста во планина е тема што ги обединува сите планинари, од почетниците до најискусните.
Пред почетокот на предавањето, на присутните им се обрати претседателот на ФПСМ, Даниело Божиновски, кој ја поздрави многубројната планинарска заедница и им се заблагодари на Општина Битола и на КИЦ – Битола за поддршката. Божиновски најави дека 2027 година ќе биде година на интензивна активност на Федерацијата. Приоритети ќе бидат подобрувањето на планинарската и пешачката инфраструктура, пред сè планинарските и пешачките патеки, работата со компетитивните планинарски спортови, развојот на регионалните ограноци на Федерацијата, како и директната работа во самите планинарски клубови.
„Подобрувањето на инфраструктурата веќе започна, и тоа токму од Пелистер“, истакна Божиновски. Во соработка на ФПСМ со проектот Славков, поддржан од амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка, по 40 години е обновена зимската маркација на потегот од Ниже Поле до Големо Езеро, поставени се патокази до врвот Пелистер, а планинарскиот дом на Големо Езеро доби електрична енергија од обновливи извори.
„Предавањата и обуките не смеат да останат само на Федерацијата. Тие треба да живеат во клубовите, затоа што токму таму доаѓаат новите членови и таму се градат навиките за безбедно движење во планина“, порача Божиновски.
Предавачите Петар Нолев и Бобан Блажевски ги поминаа сите клучни сегменти на зимското планинарење. Во делот за техничката опрема зборуваа за правилниот избор и употреба на цепинот, дерезите и јажето, но и за облеката, обувките и останатата опрема без која зимската тура не смее да започне. Посебно внимание посветија на подготовката на зимска акција – планирањето на маршрутата и на времето за движење во краткиот зимски ден, проценката на сопствените можности и на групата, како и важноста некој секогаш да знае каде се движиме и кога се враќаме. Дел од предавањето беше посветен на читањето и следењето на временската прогноза, на препознавањето на брзите промени на времето во планина и на одлуката за враќање кога условите не се добри. Предавачите зборуваа и за најчестите несреќи во планина во зимски услови – лизгање на замрзнат терен, потхладување, губење на ориентација и лавини – за тоа како тие најчесто настануваат и како можат да се избегнат, како и за правилното однесување и повикувањето помош кога несреќата сепак ќе се случи. Заедничка порака на сите теми беше дека безбедното движење во планина во зима не започнува на патеката, туку дома – со добра подготовка, соодветна опрема и одговорни одлуки.
По предавањето се разви дискусија во која присутните поставуваа прашања, бараа совети за конкретни ситуации и споделуваа сопствени искуства од планина.
На крајот на предавањето, Божиновски уште еднаш ја нагласи потребата од постојана едукација и упати апел до претседателите на клубовите да работат со своите членови на едукацијата за безбедност и движење во планина, а особено со новите членови кои штотуку влегуваат во планинарските спортови. „Целта ни е едноставна – повеќе луѓе во планина, и сите да се вратат дома“, заклучи тој.

Предавањето беше и повод за работна средба на претседателот Божиновски со претседателите и претставниците на планинарските клубови од југозападниот регион, одржана непосредно пред настанот, на која се разговараше за соработката меѓу клубовите и Федерацијата и за планираните активности во регионот.Сашо Ристевски