Press "Enter" to skip to content

“21 ден во Кина“ – 21 лекција за иднината на бизнисот: Културата се гради потешко од системот (4)

-Технологијата може да се купи, но дали компанијата е подготвена да ја користи?

-Дигиталната трансформација не зависи само од новите системи, туку и од луѓето, организациската култура и способноста за прифаќање промени.

Во четвртото продолжение од серијалот „21 ден во Кина“, “Битола Њуз“ ја пренесува лекцијата на Марјан Вучковиќ од Битола посветена на човечката страна на дигиталната трансформација. Искуствата од кинеските компании покажуваат дека и најсовремените технологии можат да останат неискористени доколку организациите не вложуваат во своите вработени и во начинот на кој управуваат со промените. Во продолжение ја пренесуваме целосната оригинална лекција од книгата „21 ден во Кина: 21 лекција за AI, дигиталната економија и иднината на бизнисот“.КУЛТУРАТА СЕ ГРАДИ ПОТЕШКО ОД СИСТЕМОТ

Дигитална трансформација? Најчесто прво помислував на нови платформи, софтвер, автоматизација или вештачка интелигенција. Сепак, во текот на ова патување низ Кина ми стануваше сè поочигледно дека најголемиот предизвик се луѓето.

Зошто го тврдам тоа. Во разговорите често се повторуваше истата порака — дигиталната трансформација потфрла доколку организацијата не е подготвена да ја прифати. И реалност е дека и во Кина постојат компании со долгогодишна традиција, каде што повеќе генерации работат со децении. И во тие компании, исто како кај нас, менаџментот се соочува со промените во насока на потреба од преквалификација и предизвик да ги усогласат искусните кадри со новите дигитални процеси. Тоа беше важно потсетување дека ниту една земја нема магично решение.

Технологијата може да се купи. Организациската култура мора да се изгради. Како да се справиме со промените? Промената започнува со доверба.

Успешните организации создаваат средина во која вработените јасно разбираат зошто се воведуваат новините. Кога вработените гледаат дека дигиталните алатки им ја олеснуваат работата, природно стануваат сојузници на промената. Дигиталната трансформација е истовремено технолошки, организациски и лидерски процес. Предност имаат компаниите што системски ги подготвуваат своите луѓе за новите начини на работа, бидејќи крајниот успех зависи од тоа колку тие алатки вистински ќе заживеат во секојдневието. Новите технологии бараат нови знаења, па инвестицијата во кадарот е најсигурната заштита од застарување на системите.

И токму поради тоа, најчесто главниот извор на отпор е неразбирањето на целта. Затоа, организациите што поттикнуваат љубопитност, соработка и континуирано учење создаваат средина каде иновацијата станува природна реакција.

Технологијата не го менува бизнисот — луѓето го менуваат.

Резимирајќи ја лекцијата треба да сме свесни дека компаниската култура е вистинската предност. Организациите со отворена и љубопитна средина ја интегрираат технологијата многу подлабоко од оние што само купуваат софтверски лиценци.

А за да биде трансформацијата успешна, потребно е јасна комуникација со сите засегнати. Отпорот кон новите алатки најчесто настанува поради нејасно комуницирана цел. А непознатото – природно буди сомнеж и страв. На тој начин се поттикнува континуираното учење кое воедно претставува услов за опстанок. Без паралелен развој на вештините, дури и најсовремените системи остануваат неискористени. Па може многу лесно да се стигне до процес без краен рок. Затоа треба да се разјасни дека дигиталната трансформација е постојано прилагодување на луѓето и процесите кон пазарните промени.

За серијалот „21 ден во Кина“

“Битола Њуз“ објавува серијал од 21 целосна лекција од книгата „21 ден во Кина: 21 лекција за AI, дигиталната економија и иднината на бизнисот“ на Марјан Вучковиќ, создадена по неговото учество на меѓународна студиска програма во Кина во 2026 година. Серијалот ги опфаќа вештачката интелигенција, дигиталната економија, иновациите, организациските процеси и иднината на бизнисот. Прочитајте ја и преземете ја целосната книга бесплатно, на македонски и англиски јазик:

https://mvmomentumadvisory.com/21-days-in-china

Следната лекција: „Брзината е конкурентска предност“.

More from ВестиMore posts in Вести »