Дарија Крстевска од Битола постави младински национален рекорд на 5 километри во Гевгелија. Таа и Греса Бакраќи освоија по една бронза, а тројца нивни клупски колеги поставија лични рекорди. Пет километри низ дождлива Гевгелија. По 18 минути и 34 секунди, Дарија Крстевска ја мина целта со нов македонски рекорд на оваа дистанца за атлетичарки до 20 години. Со тој резултат, атлетичарката на битолски Олимп го освои третото место во вкупниот женски пласман на November Run Gevgelija 2026.
На пиедесталот се искачи и Греса Бакраќи, која освои бронза на 10 километри со време од 36:35. Веднаш зад неа заврши нејзината клупска колешка Адријана Поп Арсова-Рашиќ, четвртопласирана со 37:27.
Од 13 атлетичари со кои Олимп настапи во Гевгелија, покрај Крстевска, уште тројца го подобрија своето најдобро време. Сара Ноческа постави личен рекорд на 5 километри со 21:42, а на истата дистанца Владимир Трајанов истрча 18:02, пет секунди побрзо отколку на своето деби во Струмица. На 10 километри личен рекорд постави Стефан Делев со 36:29.
Во машка конкуренција најбрзи меѓу атлетичарите на Олимп беа Бојан Чаприќ на 5 километри со 16:31 и Григоријан Никовски на 10 километри со точно 32 минути. На пократката дистанца настапија и Ирма Хајдари со 19:29, Игор Стојановски со 18:57 и Теодора Гајдова со 28:15. Трката на 10 километри ја завршија и Ана Шиковска со 46:05 и Марина Домазетовска со 46:30.










