
Живееме во време кога можеме да имаме и по 1.000, 2.000 или повеќе пријатели на социјалните мрежи. Луѓе кои ни го честитаат роденденот, успехот, ни ги лајкуваат фотографиите, ни испраќаат срценца, насмевки и комплименти. Ни пишуваат дека сме убави, прекрасни, успешни, дека блескаме… И не велам дека во тоа нема убавина. Напротив. Понекогаш и едно мало внимание може да ни го разубави денот, да ни ја подигне самодовербата и да нè потсети дека некој нè забележал. Но, знаете кога навистина ја гледаме разликата меѓу виртуелните и вистинските пријатели?
Кога ќе ни затреба нешто повеќе од лајк. Кога ќе ни треба подадена рака, искрен разговор, поддршка, разбирање или едноставно некој да нè праша: „Како си навистина?“ Тогаш тишината понекогаш станува погласна од сите известувања што сме ги добиле. Тогаш сфаќаме дека не е важно колку луѓе ја виделе нашата фотографија, туку колкумина ќе забележат дека зад насмевката нешто не е во ред. Не е важно колкумина ќе ни напишат „среќен роденден“, туку кој ќе се сети на нас и кога нема посебен повод. Не е важно колку срценца ќе добиеме на објавата, туку кој ќе има срце да биде покрај нас кога животот нема да ни биде толку убав за фотографирање. истинскиот пријател не е само оној што ќе ти ја лајкне фотографијата кога си насмеан. Тој е оној што ќе забележи дека не се смееш како порано.
Но, ова не е приказна само за другите. Вреди и самите да се запрашаме: колку често ние сме нечија вистинска поддршка?
Дали сме тука само кога е лесно, интересно и забавно, или и тогаш кога некој има потреба од нас? Дали знаеме да се израдуваме на туѓата среќа, да сослушаме без да осудуваме и да подадеме рака без да очекуваме нешто за возврат? Зашто пријателството не е само нешто што го очекуваме од другите. Тоа е нешто што и самите треба да го живееме.
Не треба да ги презираме виртуелните пријателства. Меѓу нив сигурно има искрени луѓе, убави познанства и пријателства што со текот на времето можат да станат вистински. Но, не треба ниту бројот на пријатели на екранот да нè залажува дека сме опкружени со луѓе на кои секогаш можеме да се потпреме.
Затоа, можеби е време да престанеме да ги броиме пријателите и да почнеме да ја препознаваме нивната вистинска вредност.
Да ги чуваме оние што се тука и кога немаме што да понудиме, освен искрен разговор. Оние што не исчезнуваат кога ќе ни згасне насмевката. Оние што не се натпреваруваат со нас, туку се радуваат на нашите успеси како да се нивни.
Илјада виртуелни пријатели можат да ни ја исполнат листата, но понекогаш само еден вистински пријател може да ни го исполни срцето.
А можеби најголемото богатство не е да имаш многу пријатели, туку да бидеш сигурен дека кога животот ќе стане тежок, нема да мораш да се прашуваш кој навистина е тука.
И на крајот, не ни требаат многу луѓе околу нас. Ни требаат вистински луѓе покрај нас.






