Press "Enter" to skip to content

Авто-кампот “Крани“ рај за кампери со традиција повеќе од 30 години (фотогалерија)

Денешниот прекрасен летен ден после дожовите и ладно време беше совршен да го посетиме авто-кампот “Крани“ каде ја почуствувавме целата атмосфера на туризам во камп приколки.

Со својата совршене местоположба во подножјето на планината Галичица и на брегот на Преспанското Езеро на надморска висина од 850 м.н.в. со право е наречена воздушна бања со погодна клима за многу заболувања. Уште со влегувањето во кампот во очи паѓа бујната вегетација од најразлични видови на дрвја, листопадни и зимзелени, кои шират најразлични мириси меѓу кои мирисот на липа кој денес беше најкарактеристичен.

Камп приколки уредени на различен начин секоја оргинална на свој начин. Но, имаат и заеднички нешта како мали огради, фенерчиња, многу цвеќиња, тенди, удобни столици, клацкалки, уредени кујнички, купатила. Повеќето од нив се во приватна сопственост и секој се труди да ја уреди што поубаво за да одморот му биде што поудобен.

Низ разговори со камперите кои ги сретнавме ни кажаа дека има “староседелци “ кои се тука повеќе од 30 години во добрите времиња на животот на авто-кампот “Крани“ кој во времето на социјализмот беше многу популарен камп и сите доаѓаа да бидат видени на популарната плажа во “Крани“ или доаѓаа во диското на провод. Во тој период авто-кампот “Крани“ беше еден вид монденско туристичко место.

-Во тој период да имаш камп приколка во “Крани “ беше ин ни кажува чичко Митко еден од најстарите кампери кој доаѓа тука повеќе од 30 години, и додава:

-Ние строаседелците сме сместени во центарот на кампот и секој дел има своја приказна. Има дел кој се вика “Битолска улица“ каде сите кампери се битолчани наоколу. Инаку, во последните неколку години повторно се врати сјајот на авто-кампот како порано и кампери од градови низ цела Македонија.

-Но, можам да ви кажам дека дружењето е многу големо и овде се развиваат пријателства кои се некако посебни. Како пензионер ние со сопругата доаѓаме рано во јуни и кампуваме до септември. Значи поминуваме овде скоро 3-4 месеци. Има и други кои поминуваат долго тука и се разбира се дружиме на еден посебен начин. Си се знаеме сите староседелци кампери и си помагаме во се. Од помош при градење, алати, ако на некој му притреба нешто. Сме поминале за овие години и добро и лошо и нашето дружење е посебно, ни кажува чичко Јове кој доаѓа секое лето веќе 20 години.

Овде секоја домаќинка готви и меси и носи кај сите, а сето тоа го чувствуваме и низ атмосферата во кампот додека се движиме и разговараме со камперите и ги фотографираме интересно уредените и декорираните камп-приколки. Од секоја се слуша посебна музика, мирис на скара, детски џагор кој е радосен заради убавото време и летен распуст на езеро. Сето тоа ме враќа во детството.

Се упатуваме кај плажата која сега е уредена и доаѓаме до шанк и многу лежалки со чадори. Водата мирна и топла и луѓе кои се капат. Деца скокаат од платформата и си прават ќеф.

Авто-кампот “Крани“ може да му понуди на секого по нешто со своите природни убавини и бујна вегетација која потсетува на ботаничка градина. Но, секако дека по наше мислење е дека старите кампери најдобро си го поминуваат одморот и ги користат благодетите на чистиот воздух и совршената клима.

Жанета Ристевска