На Семинарот од страна на гостите, стручни презентации одржаа професори од Департманот за ветеринарна медицина на Земјоделскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад меѓу кои: д-р Иван Станчиќ, д-р Бојан Тохољ и д-р Михајло Ердељан, како и докторот по ветеринарна медицина, Никола Буневски. Од домаќините стручни презентации одржаа д-р Петар Додовски, д-р Панче Дамески и д-р Игор Здравески. Семинарот од областа на ветеринарната медицина од Ветеринарната комора на Република Северна Македонија е акредитиран со девет бодови.Големиот и квалитетен одзив на Семинарот според деканот на Ветеринарниот факултет – Битола, проф. д-р Никола Караболовски е многу значаен за Факултетот, особено затоа што настанот го следеа околу 200 учесници. Деканот Карболовски истакна дека големо е значењето од перманентна едукација на ветеринарите, дека е нужен и неопходен освртот кон значајни теми и прашања од ветеринарната медицина. Според него, апсолвирана е вистината дека добар ветеринар е едуциран ветеринар, дека добар ветеринар е образуван ветеринар, не само извежбан, туку и образован. Тој потенцира дека ветеринарната медицина е еден вид – работна уметност и во таа насока, семинарот го помога најважното: да се научи нешто повеќе за работата, да се збогатат сознанија, за тоа што е важно во работата, за поуспешна и попродуктивна едукација на младите генерации ветеринари. Според него, задоволството дека ветеринарната медицина е емпатична професија, за Ветеринарниот факултет – Битола претставува дополнителна обврска, сериозна и комплексна определба: да се знае како треба да ги третираат пациентите, да се користи квалитетно знаење.На Семинарот од областа на ветеринарната медицина учествуваше и проректорот за наука на УКЛО, проф. д-р Горан Илиќ. Тој од име на ректорот и УКЛО посочи дека семинарот претставува стручна, академска прилика, да се прошируваат видиците, да се допираат нови истражувачки хоризонти, да јакне академската поврзаност. Според него, тоа што Ветеринарниот факултет – Битола е меѓу помладите единици на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола е своевиден поттикнувачки момент и за Универзитетот и за вработените на Ветеринарниот факултет, да се посветат во реализација на заложбата: да се усогласува наставниот процес со другите ветеринарни факултети, да се развива и да се унапредува наставната, научната и стручната дејност. Позитивна и висока оценка за Семинарот во којшто беа вклучени и студентите изнесе Александар Талевски. Тој е студент во втора година на Ветеринарниот факултет – Битола. „ Ова е еден прв настан во којшто учествувам како дел од Факултетот и мојот впечаток е дека е многу добро и успешно да се вклучат студентите активно, може да се запознаат како се организира еден ваков настан, како треба да се однесуваат, кои се потребните работи и исто така да научат нови работи и искуства и сето тоа е многу успешно.“Семинарот од областа на ветеринарната медицина во организација на Ветеринарниот факултет – Битола, единица на УКЛО беше потпомогнат од коорганизаторот, Ветеринарната комора.
Е. А. Атанасоска