Денес хотел “Милениум“ во Битола беше промовирана новата Стратегија за развој на волонтерството во општина Битола 2023 – 2026 година, во организација на Младинскиот културен центар – Битола.
МКЦ – Битола како граѓанска организација која активно работи на промовирање на волонтерството на локално и национално ниво, во соработка со општина Битола и Локалниот волонтерски совет на општина Битола, во ноември 2022 година започна иницијатива за партиципативно креирање на нова стратегија за волонтерство за општина Битола за периодот 2023 – 2026 година.
Методологијата за работа на стратешкиот документ вклучуваше формирање на работна група составена од претставници на Локалниот совет за волонтерство, локални младински организации, Црвен Крст, општинска администрација и членови на Советот на општина Битола. Се реализираа 3 работни состаноци со претходно утврдена агенда и под водство на надворешен експерт којшто имаше задача да ги земе предвид сите забелешки, предлози, сугестии од страна на членовите во работната група и да ја подготви стратегијата.
Со цел да обезбедиме поголема јавност и можност сите да се запознаат со процесот, да дадат свои мислења и предлози, се реализираа два форуми. Стратегијата е усвоена од страна на Советот на Општина Битола.
Проектот „Време е за волонтирање“ на МКЦ Битола е финансиран од програмата за грантови на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата” финансиран од Европската Унија.






