Денес бележиме ново каснување од куче скитник во Битола. Имено, кај Стата Болница, денеска кучиња скитници искасаа дете, кое е итно хоспитализирано, а за случајот, кој се пријави прво по социјалните мрежи информираше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Коњановски преку соопшение се обрати во кое се вели:
-Веднаш штом ја добив информацијата за каснатото дете од глутница кучиња кај Стара болница, ги контактирав службите во Клиничка болница во Битола. Ги контактирав и родителите на детето, кои ме информираа дека, за среќа, 13 годишното дете е во стабилна состојба.
Побарав итно постапување кај Стара болница од страна на фирмата со која општината има склучено договор за заловување и третман на бездомни животни и кои во изминатите 6 месеци имаат третирано 60 кучиња скитници во централното градско подрачје.
Не смееме да дозволиме вакви ситуации да ни се повторуваат, независно дали станува збор за дете или возрасен граѓанин, како што беше вчерашниот случај. Мораме сите, локалната самоуправа, здруженијата за заштита на животните, полицијата, да делуваме заедно.
Коњановски повика на заедништво и преземање на сите законски мерки од страна на сите чинители.