Press "Enter" to skip to content

Двајца битолски поштари на Поштаријадата во брзо одење во Сараево, Цане Димовски со посебно признание (фото)

На балканската Поштаријада во брзо одење која се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина, во македонската поштарска репрезентација учествуваа двајца битолски поштари, Цане Димовски и Садиковски.

Покрај поштарската репрезентација на домаќинот и Македонија учествуваа и репрезентациите на Турција, Албанија, Романија, Бугарија, Косово и Словенија.

За учеството и освоениот пласман во екипна конкуренција во брзо одење, Цане Димовски вели:

-Ова беше традиционална Поштаријада која се одржува веќе 20 години, а овој пат се одржа во Сараево. Македонија учествуваше со две екипи во брзо одење, машка и женска, составена од најбрзите поштари од сите градови. Во секоја екипа имаше по пет членови, а жените се натпреваруваа на 5 километри, а машките на 10. Се бодуваа пласманите на само тројца натпреварувачи, а двете екипи постигнаа добри резултати во екипна конкуренција, односно освоивме два трети места.

На битолскиот поштар Цане Димовски ова му е седмо учество на вакви балкански натпревари, а од Сараево се врати со две награди, покрај екипната добри и посебно признание.

-Ова ми е седма по ред балканијада во брзо одење и можам да кажам дека секогаш сум бил заслужен за освоените екипни пласмани. Овој пат помогнат исто така, а моето време беше вкалкулирано во екипниот резултат, бидејќи бев пласиран поединечно на 15 место. Исто така од организаторот добив посебно признание како највозрасен натпреварувач со 64 години, што за мене има посебно значење, вели Цане Димовски, за кој може слободно да речиме дека е најбрзиот битолски поштар.

С.Ристевски
Фото: Цане Димовски

More from БитолаMore posts in Битола »