Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола е меѓу неколкуте државни универзитети што остваруваат конкретна соработка со Стопанската комора на Република Северна Македонија, што беше потврдено и на работната средба на Комората со универзитети во државата.
На состанокот одржан на покана на претседателот на Стопанската Комора, Бранко Азески, ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски со уште неколку негови колеги, од УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, од УГД, проф. д-р Дејан Мираковски и од УЈИЕ, академик Абдулменаф Беџети, разговараа околу целите за перманентна и долгорочна соработка меѓу бизнисот и науката.
Неподелена е констатацијата дека само со конкретни активности и воспоставени механизми, државните универзитети и Комората може да ја стават науката во функција на развојот на македонската економија и општеството во целина.
Претставниците на државните универзитети воедно ја искажаа потребата од унапредување на соработката со стопанството и искористување на севкупните потенцијали за напредок во повеќе клучни области, почнувајќи од пракса во реалниот сектор, преку инвестиции и имплементација на еколошки стандарди и перманентно јакнење на регионалната соработка.
Инаку, градењето платформа за долгорочна соработка меѓу науката и бизнисот во интерес на македонската економија и севкупниот развој е меѓу приоритетните стратешки цели и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.