Битолчани кои секојдневно и повремено рекреираат на Тумбекафе од денес ќе можат да вежбаат и тренираат во новата “Balans+“ зона, донација на битолската млекарница “БиМилк“.
На денешната промоција на “Balans+“ зоната покрај претставниците на “БиМилк“, присутвуваше и градоначалниката на Битола, м-р Наташа Петровска, млади спортисти и рекреативци…
За оваа донација која веќе ја користат битолчани зборуваше Полексена Јанкуловска, маркетинг менаџер во “БиМилк“ која рече дека покрај тоа што битолската млекарница произведува здрава храна таа промивира и здрав живот за своите потрошувачи и во таа насока е донацијата на оваа “Balans+“ зона на Тумбекафе.
-Како општествено одговорна компанија “БиМилк“ промовираме здрав живот на граѓаните и во таа насока горда сум што ја дониравме оваа втора по ред “Balans+“ зона, на местото каде пто рекреираат и спортуваат голем број на битолчани на Тумбекафе. Се надеваме дека оваа “Balans+“ зона ќе придонесе за редовен спорт и рекреација и за редовни и здрави навики и поттикнување на здравиот начин на живот, а оние кои се уште се двоумат ќе ги мотивира за здрав начин на живот, нагласи Полексена Јанкуловска, која ја повтори благодарноста кон Општина Битола за согласност да го возобноват спортско- рекреативното катче на Тумбекафе.
Градоначалнилката на Битола, м-р Наташа Петровска, пеш дојде на Тумбекафе, а за “Balans+“ зоната рече:
-Ова е место каде битолчани често рекреираат ги поминуваат слободното време и јас се радувам што “БиМилк“ ги детектира потребите на битолчани и овозможи овој простор како би имале нов простор за рекреација и за здрав живот. Би сакала да ги повикам сите компании во рамките на својата општествена одговорност да придонесат на ваков начин за својата средина и заедница во интерес на граѓаните на општина Битола. Убедена сум дека со вака општествено одговорна компанија, како “БиМилк“, сигурно и во иднина ќе имаме соработка.
Во “Balans+“ зоната беа присутни и педесетина млади спортисти, а тренерот на ЖФК “Топ гол“, Кире Грбевски за оваа “Balans+“ зоната рече:
-Дел од тренинзите на екипите во Топ гол извршуваме и на отворено, во паркот или на други локации, а од денес дел од планираните активности ќе ги имаме и тука во “Balans+“ зоната, Има различни справи на кои ќе можеме да ја подобриме физичката способност на младите спортисти, но и како професор по физичко би ги поканил сите ученици дел од слободното време да го поминувааа тука на справите и на Тумбакафе како спортско-рекреативен центар.
Денес и рекреативците кои беа на Тумбекафе ги “пробаа“ справите, а Митко ни рече:
-Тука сум секој ден, а не само јас туку и сите кои рекреираме на Тумбекафе се израдувавме на оваа “Balans+“ зона. Неколку дена колку што се поставени справите ги користиме, тука се одмараме од пешачењето и по малку, прво срамежливо, а сега и поголем број се на справите. Но, морам да кажам дека веќе започнавме неодгоровно да се однесуваме. Некои кои тука ги шетаат кучињата ги остваат во песокот кај справите, па затоа ќе апелирам дека ова е наменето за рекреативци, а за домашни кучиња тука нема место.
Советот на Општина Битола едногласно ја прифати одлуката за примање на донација како “Balans+“ зона од “БиМилк“.
Текст и фото: Сашо Ристевски






