Press "Enter" to skip to content

Синоќа започна 39. издание на фестивалот “Браќа Манаки“ (фото)

Со доделување на посебни фестивалски награди и признанија „Златна камера 300“, синоќа во Битола почна Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе трае до 29 септември.Со перформансот во режија на Срѓан Јаниќијевиќ  официјално започна 39-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот го означи за отворен актерката Јелена Јованова која заедно со балерината Ивана Коцева и пијанистката Дуња Иванова успешно ја доловија филмската магија. На свеченото отворање на големиот културен настан и собир на кинематограферите од светот, директорката на ИФФК „Браќа Манаки“ Гена Теодосиевска истакна дека оваа година на филмското платно ќе има деведесет и пет наслови во 14 програми.Градоначалничката на Битола Наташа Петровска, пак посочи дека Фестивалот е значаен за битолчани, но и за целиот свет затоа што потврдува како може да му се пркоси на времето и потврдува дека и четвртата димензија има релативитет, а на гостите им посака добредојде и убави денови поминати во Битола.Публиката во Центарот за култура, со стоечки аплаузи, ги поздрави актерката Кардинале,  кинематограферот Роџер Дикинс и македонската актерка Милица Стојанова, годинашни лауреати на Фестивалот во овој град.Златна камера 300 за животно дело доби британскиот кинематогафер и оскаровец Роџер Дикинс.  Дикинс се заблагодари за наградата, која му ја даде директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска.

-Можеби ќе звучи како клише, но морам да кажам дека овде се чувствувам како да сум на погрешната страна од камерата, повеќе би сакал да сум зад камерата.  Многу ми е драго што сум дел од оваа историја, затоа што познавам многу луѓе, мои пријатели кинематографери што биле тука и конечно и јас усепав да дојдам на овој фестивал – рече Дикинс.Италијанската филмска дива со светска кариера Клаудија Кардинале, ја доби специјалната награда „Златна камера 300“. Таа се заблагодари за укажаната чест од фестивалскиот тим и наградата која и ја додели министерот за култура Асаф Адеми. Во чест на Кардинале, на втората фестивалска вечер ќе биде прикажан филмот „Благородни лаги“.

 

-Благодарам Битола, благодарам Македонија, рече  Клаудија Кардинале, по добивањето на наградата.Со одлука на Друштвото на филмските професионалци на Македонија, годинава наградата „Голема ѕвезда“ и беше доделена на актерката Милица Стојанова.

-Му благодарам на Друштвото на филмските работници што го согледа мојот труд пред камерата и сега сум лауреат на оваа престижна награда, која многу ми значи. Им благодарам на сите наши филмски и телевизиски режисери кои ми овозможија да се сплотам со животот на разни луѓе пред камерите – изјави Стојанова.

Во големата сала на битолскиот Центар за култура беше прикажан филмот „Истребувач 2049“ во чест на кинематограферот-лауреат  Роџер Дикинс, кој токму за овој филм го доби „Оскарот“ по 13 номинации.ИФФК „Браќа Манаки“ продолжува со претпладневна прес конференција за светската и македонска премиера на краткиот филм „Љубовникот“ во режија на Игор Иванов – Изи, и разговор со Клаудија Кардинале кој ќе се одржи во малата сала на НУ Центар за култура во Битола.