Унапредување на воспитно – образовниот процес, обезбедување квалитетна настава и услови за континуиран напредок на учениците, овозможува следењето на современиот технолошки тренд за настава преку интерактивни табли, кој постепено почнува да се воведува и во нашите училишта. Денес, градоначалничката на Општина Битола, присуствуваше на наставните часови во училниците во ОУ “Коле Канински“, кои се обезбедени со интерактивни табли:
-Следењето на современите технолошки напредоци во целиот свет е исто така значајно и во областа на образованието. Со таквото следење го будиме интересот кај учениците за наставните содржини. Отсекогаш сум велела дека проектот кој што го имавме „Компјутер за секое дете“, не е начинот на кој што треба да се одвиваат часовите во училиштето. Она што е потребно се интерактивните табли, со добра поддршка на еден солиден компјутер, интернет конекција и софтвер соодветен на наставните содржини. Тоа како потврда денес го имаме во ОУ Коле Канински, каде на лице место видовме, дека навистина интересот кај децата е исклучително голем, можноста за успешно да се изведе еден наставен час е одлична и во таа насока, треба да се движи општина Битола. Како советник, уште тогаш се залагав, општина Битола, да обезбедува во училиштата интерактивни табли. Таа е мојата намера и како градоначалник, така што во следниот период, сите училишта треба да имаат интерактивни табли и тоа треба да бидат напорите на нашата локална самоуправа, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, за време на денешната посета на ОУ Коле Канински.
На овој начин, со користењето на интерактивните табли се овозможува директно ставање на современата технологија во функција на наставниот процес, притоа овозможувајќи им на учениците учење на нови содржини, но и потсетување на веќе изученото. Со ваквата ангажираност се задржува вниманието на сите ученици на конкретната наставна содржина, а се зголемува и нивната мотивираност за работа.
-Во соработка со локалната самоуправа и Министерството за образование, ние ја имавме таа чест и придобивка, да ги имаме тие интерактивни табли, кои ќе помагаат во воспитно – образовниот процес, посебно во тие дигитални содржини, каде што можат наставниците на современ начин да ги користат и да го реализираат наставниот и воспитно – образовниот процес. Во ова училиште имаме три интерактивни табли во соработка со Министерството за образование. Покрај тоа, имаме и друга соработка, имплементација на еден проект кој го реализиравме заедно со Мировниот корпус и локалната самоуправа, со што имавме можност уште една училница да опремиме со дигитални средства, односно ресурси кои ќе помагаат за наставата, посебно за децата со потешкотии во воспитно – образовниот процес“, изјави Лидија Недановска, директор на ОУ “Коле Канински“ – Битола.