Во средината на мај, од 13 до 17 мај, 31 ученик од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, ученици во билингвалната француска паралелка и ученици кои го изучуваат францускиот јазик како втор странски јазик, беа дел од традиционалната размена на ученици со училиштето “Тома Паске“ од Кутанс, Нормандија.Долга е традицијата на размени на ученици со регионот Нормандија и досега над 650 средношколци од двете земји биле дел од овие размени.Целта на размената на ученици е да се претстават образованието, културата, традицијата и историјата на двете земји, Македонија и Франција и да им се даде можност на учениците да ги подобрат конуникациските способности, да го употребуваат францускиот јазик, да го претстават своето училиште, градот и земјата.Секоја година учениците работат на заедничка тема, која ги поврзува и им овозможува да соработуваат, истражуваат и презентираат, да работат во групи.Оваа година учениците од двете училишта работеа на изложба која беше изработена билингвално на двата јазици – македонски и француски, посветена на 80 години од крајот на Втората светска војна во Франција и Македонија.
Целта на изложбата беше преку заедничка работа на учениците и нивните професори, да се претстави текот на Втората светска војна во Македонија и Нормандија, но и да се потенцираат поврзаноста на настаните и покрај оддалеченоста на двете територии и значењето на победата над фашизмот.Од самиот почеток на овие размени, учениците од гимназијата имаат голема поддршка од Француската алијанса од Битола, но и од Францускиот институт од Скопје и дипломатските претставници на Република Франција во Македонија. Оваа година размената беше поддржана и од Општините Битола и Новаци. Ваквите размени го подобруваат воспитно-образовниот процес во гимназијата и го зголемуваат интересот на учениците.