-Во црквата “Св. Недела“ во Битола се одржа Молебен, молитва на заедницата, кој го предводеше Владиката Петар, на кој сите верници за молеа за дожд, но не дожд со ветар и бури, туку за мирен дожд кој ќе ги развесели срцата на децата, на мајките, на старите… дожд плодотворен, дожд кој ќе ги угаси пожарите во Македонија.
Денес, сабота, 20 јули, 2024 лето Господово, кога го празнуваме споменот на Светата Великомаченичка Киријакија (Недела), Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Пенчо Пусовски, Љупчо Атанасов, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и Ѓорѓи Делев и ѓаконот Александар Маргулевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот “Свети Великомаченица Недела“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Света Недела е светителка, која живеела во втората половина од третиот век, а тоа е време на силните гонења на христијаните, за време на злогласниот гонител царот Диоклицијан и неговиот зет Максимијан. Токму во тоа време, се родила оваа Божја угодничка, од нејзините родители Доротеј и Евсевија, кои биле благочестиви, но немале деца, па преку нивните горешти молитви, испросиле од Бога да им даде дете, кое ветиле дека ќе Му го посветат Нему. Света недела се родила во неделен ден, па затоа и е ставено името Недела т.е. според Неделата го добила името, а не како што некои мислат дека според Света Недела, е името на неделата.
Света Недела била воспитана во духот на нашата Света Православна Вера. Ете, кога дознал царот за оваа девојка, која била прекрасна со нејзината надворешна убавина, а уште попрекрасна со нејзината внатрешна убавина, нејзе ја посакувале многумина, па тој сакал да ја убеди да ја омажи за својот син, но таа го одбила. Секој што ја просел неа за жена, таа му велела дека е верена за Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа и дека само Нему Му припаѓа, бидејќи нејзината душа Му ја подарила на Бога.
По Светата Литургија и причесната се одржа и Молебен за дожд, дожд мирен, кој ќе ги угаси пожарите, дожд плодотворен… а Владиката Петар ги повика сите да се помолат и за простување на гревовите, за семејствата, за децата…
На Светата Литургија во црквата “Св. Недела“ Владиката Петар ги произнесе 10 годишниот Борис Ташевски во чин чтец (лице што во некои христијански цркви е одговорно за гласно читање на извадоци од Светото писмо за време на литургијата), а тоа е првиот чин во црковната хиерархија.
Текст и фото: Сашо Ристевски
[ngg src=”galleries” ids=”2058″ display=”basic_thumbnail” override_thumbnail_settings=”1″ thumbnail_crop=”0″]






