Press "Enter" to skip to content

Што е корупција во нашата држава? Им пречи ли на младите или го следат трендот на „снаодливите“ во желбата за успех?

На 15-ти септември 2024 година, во Кино Манаки, Битола, се одржа јавна дебата на  „Корупција“, која ја модерираше новинарот Васко Маглешов кој долги години ги следи состојбите во оваа област. Дебатата привлече бројни млади од Пелагонискиот регион, кои иако беше неделно дождливо попладне ја наполнија салата до последното столче. Панелистите на дебатата, Билјана Ивановска, Советник на Главниот ревизор на Ревизорско тело за ИПА фондови, Герман Филков, антикорупциски активист, и Деница Чадиковска, уредник за комуникации во ИРЛ, испратија силна порака: „борбата против корупцијата треба да биде дел од секојдневието, со мали, но храбри чекори, и без страв!“.

Младите имаа можност да чујат дека корупцијата не е само правен поим. Таа се манифестира во многу аспекти од нашиот секојдневен живот, и директно влијае на намалување на квалитетот на животот на младите а и на цело општество. Корупцијата го загадува воздухот што го дишеме, водата што ја пиеме, ни ги краде работните места, образува слаби кадри и не става во рацете на недоучени лекари.

Герман Филков посочи дека младите играат клучна улога во борбата против корупцијата и ги повика да реагираат веднаш штом забележат неправилности, нагласувајќи дека нивната ангажираност може да донесе вистински промени, потенцирајќи дека пред младите јавноста не замижува.

Во своето обраќање, Билјана Ивановска (понешна претседателка на ДКСК) испрати јасна порака дека секој граѓанин може да даде свој придонес во борбата против корупцијата со личен пример „секој од нас може да стави камче во мозаикот и да помогне во спречување на ова општествено зло“.

Деница Чадиковска од ИРЛ им објасни на младите дека заканите по оние кои се борат за разоткривање на корумпирани политичари и бизнисмени не се повеќе по нивната лична безбедност туку се системски и се насочени кон целосно замолчување. „ИРЛ се соочи со пресдуда за клевета и налог за затворање“ само заради тоа што корумпираните моќници имаат влијание и врз судовите.

Оваа јавна дебата која се организира во рамките на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија 2“, имплементиран од Про Локал со поддршка од Амбасадата на Холандија претставуваше важен чекор во насока на едукација и активирање на младите за оваа критична тема, која има долгорочни последици за иднината на државата.