Многу иселеници од овој крај кои живеат и работат во на петтиот континент, Австралија, дел од своето слободно време го “трошат“ како активисти во македонската заедница. Еден од нив е Марија Александрова која деновиве е во Македонија и со која разговаравме за нејзиниот ангажман за зачувување и промоција на македонската култура во Австралија.
-Се поминува, но љубовта за Македонија, за татковината за се она што потекнува од Македонија останува и најповеќе ме пече во Австралија. Првите чекори ми се направени во Македонија, растена сум тука, сум се школувала тука, но како носи животот од 1970 година живеам во Австралија, но често пати доаѓам тука. Носталгијата е поголема од се од и ме носи повторно и повторно во Македонија, вели Александрова.
Сега таа е пензионерка во Сиднеј, а пензионерските денови го пополнува со пишување на книга, која ја чека својата промоција.
-Одговорен за излегувањето на книгата е Александар Донски од Штип, со кој имам одлична соработка. Соработката со него започна со тоа што во неговата книга “Антологија на литературата“ се објавени десет мои песни, а во неа се застапени и други автори – Македонци од Австралија. Песните се посветени на Македонија, на нашето име, болката за ова парче земја ја префрлуваме на парче хартија, а тоа да остане спомен за идните генерации, вели Марија.
Покрај тоа што пишува Александрова се занимава со сликање во тениката масло на платно. Таа во Сиднеј има и организирани шест самостојни изложби, а учествувале и на голем број колективни кои го носат предзнакот, мултикултурни.
-Се што е насликано е со љубов, а мене посебно ме обземаат првите жители на Австралија – Абориџините кои се мотивација плус за мене, а тука се и македонските мотиви. Инаку, со сликарство започнав одамна, а прво ликовно дело ми беше во прво одделение, дворот-цветна градина на мојата мајка. Потоа продолжив во уметничко училиште во Скопје, а потоа животот ме однесе во Австралија, се сеќава Марија.
Книгата која е во печат покрај поезијата ќе има и десетина слики од Марија, а и корицата на книгата е нејзино дело. Книгата ќе биде двојазична, а ќе има и две промоции, во Сиднеј и Македонија.
Марија Александрова има неколкупати учествувано и на прославата на независноста на Македонија која се одржува секоја година во Рокдаел. Марија секогаш на рој голем ден за Македонија настапува со свои творби облечена во мариовска носија. Работи и како радио-водител на македонското радио, а како вели има работено како водител на разни манифетации, а известувала и во живо за добри и лоши настани.
Работела со многу македонски активисти, соработува со поетот Иван Трповски, но посебно го истакнува ангажманот и соработката со Кире Циревски кој се уште има желба и покрај возраста да работи за македонската заедница, за што не само таа, туку и сите Македонци му се многу благодарни.
Сашо Ристевски






