Утре кошаркарите на Пелистер од Битола ги продолжуваат натпреварите од четврт финалето од кошаркарскиот плеј-оф, по лошите резултати на стартот од разигрувањето и лошиот резултат 0:2.
Огромно е разочарувањето на сите по 0:2 на стартот со Работнички, уште повеќе поради начинот на кој беше претрпен преубедливиот втор пораз што резултираше и со промена на кормилото, велат од КК Пелистер. Иако се разочарани сепак додаваат дека не се откажуваат:
-Сепак, зборот „откажување“ никогаш не бил дел од нашиот вокабулар, ниту пак дел од карактерот на екипата што ја градиме. Пелистер ќе стори се за да се врати, почнувајќи од првиот дуел во Битола закажан за среда во 19 часот. Со нов предводник на клупата, стручњак што ги познава играчите, но и кој знае да мотивира и да го извлече најдоброто од секој од нив – Пелистер ќе оди на победа најпрвин на овој, а потоа и на сите наредни натпревари до крајот на плејофот.
-Подготвени сме за борба, но неопходна ќе ни биде и помош од трибините, за да успееме во „невозможната мисија“, овие 0-2 да ги претвориме во пресврт и 3-2 за Пелистер, и пласман во полуфиналето од плејофот. Имаме и квалитет и карактер да го оствариме тоа. Заедно, ние на терен, со ваша помош од трибини, ништо не е невозможно. Се гледаме во сала, влезот е БЕСПЛАТЕН.
Натпреварот ќе се игра утре, среда, а стартот е во 19 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.