Во Битола оваа година се регистирани 176 сообраќајни несреќи, а три од нив биле трагични со смртни случаи, што е повеќе во споредба со лани. Одбележан денот на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди и 30 години од формирањето на училишната сообраќајна единица.
Општински совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денес со повеќе манифестации го одбележа Светски ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, кој секоја година се одбележува во третата недела од месец ноември, ден кој го прогласиле свесни за овој проблем, Обединетите Нации.
По повод овој ден денес во НУ УБ “Св. Климент Охридски“, Општински совет за безбедност на сообраќајот на патиштата го одбележа овој ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи.
Претседателката на Општински совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, д-р Јасмина Буневска Талевска, рече Советот континуирано ги анализира состојбите во безбедноста на сообраќајот, па согласно тоа и со интеграција на институции промовира еден повеќе секторски и мултидисциплинарен пристап во решавање на прашањата поврзани со безбедноста на сообраќајот во Битола.
-Секоја жртва на патиштата претставува огромна и ненадоместлива загуба за семејството и за општеството. Општеството губи лица кои не го дале целокупниот свој општествен придонес, додека семејството губи блиска и драга личноста, чија прерана загуба значи згасната среќа и насмевки, рече д-р Јасмина Буневска Талевска.
Денес беше одбележан и денот на формирањето на училишната сообраќајна единица при СОУ “Таки Даскало“, за што Гордана Кожуваровска рече оваа единица е формирана заедно со Министерството за внатрешни работи.
Иванчо Тошевски, претседател на Комисијата за безбедност во сообраќајот во општина Битола рече дека загрижува тоа што се зголемува бројот на сообраќајни незгоди во населените места, а општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и Комисијата за безбедност изготвиле 100 мерки за безбедност во сообраќајот, а Советот ги отфрлил. Тошевски додаде дека треба да се подобри хоризонталната и вертикалната сигнализација.
Го рамките на денешното одбележување се постави и изложба на цртежи на основци на тема сообраќајни незгоди, а најдобрите добија и награди која ја организира ликовната секција под раководство на проф. Весна Дунимаглоска.
Здружението на мотоциклисти “Ѓорги Стефановски“ од Битола во знак на сеќавање на Ѓорги Стефановски, трагично загинат млад битолчанец-моторциклист,потпишаа договор за соработка со ОСБСП Битола за започнување на процесот на креирање на “МОТО КОДЕКСОТЕ – една од Препораките на ОСБСП Битола за подобрување на состојбата со безбедноста во сообраќајот.
Мотото и пораката која се испраќа оваа година е многу силна и гласи “Улиците имаат приказна“, а беше читана и поезија.






