Во селото Брод по повод 100 години од крајот на Првата светска војна со пригодна свеченост беше откриен споменикот во чест на загинатите војници и цивили во македонскиот фронт, со што уште еднаш беше одбележан денот на примирјето од 11 ноември 1918 година.
Со откривањето и положувањето на цвеќе на споменикот во село Брод се одбележа овој историски ден и им се оддаде почит на сите загинати војници и на сите загинати цивили од тој воен период.
Овој нов споменик во подножјето на Нице планина со врвот Кајмакчалан ќе биде уште еден “сведок“ на многубројните жртви и ужаси на територија на овој регион.
-Се собравме на овој голем историски ден токму во село Брод, свечено и заедно да го одбележиме примирјето од 11 ноември 1918 година и 100 години од крајот на Првата светска војна. По тој повод денес свечено го откривме и споменикот подигнат во знак на почит и сеќавање на сите загинати војници и воени цивили од тој воен период. Овој споменик го подигнавме да биде сведок на се она што се случувало пред сто години и сакаме да порачаме дека ние ќе градиме иднина во мир и порачуваме никогаш повеќе да не се повторат тие страдања. Во општина Новаци историјата испишала многу животни приказни, настани, сведоштва кои покажуваат колку луѓето можат да бидат храбри и издржливи сред ужасите на една војна. Денес само се сеќаваме и не треба да дозволиме никогаш повеќе да не се повтори. Денес ни останува да градиме мостови меѓу народите, да воспоставуваме врски за економски напредок и просперитет, истакна градоначалникот на Новаци Љубе Кузманоски во поздравниот говор по повод откривањето на споменикот.
На свеченото откривање беше присутен и амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние кој во своето обраќање посочи дека Европа има потреба од пример каков што е Македонија зашто таа дава примиер за помирување со сите свои соседи.
-Со загриженост гледаме дека меѓународната заедница во овој момент минува низ одредени тешкотии. Треба да бидеме многу внимателни со предизвиците на иднината. Но, и историјата ни дава дополнителна врска за да го изградеме мирот заеднички, за помирувањето зашто вашата земја во овој момент дава еден пример за помирување со сите свои соседи, а ние имаме потреба од таков пример во Европа што значи имаме потреба од вас во Европа, како еден составен дел, истакна Тимоние.
Пред споменикот свежо цвеќе положија делегации од Франција, Русија, АРМ, Општините Битола, Новаци, Могила, Демир Хисар и други гости.

Нов споменик во чест на жртвите од Првата светска војна во село Брод (фотогалерија)
More from ВестиMore posts in Вести »
- Се уредуваат добро познатите излетнички места на Пелистер и поставуваат нови инфо-табли
- „Женски Земјотрес“ во Битола ја отвора сцената за гласовите што не смеат да исчезнат
- СВР Битола: во училишен двор 11 годишно дете нападнато со остар предмет
- Денес Пелистер во 14,30 ќе “брка “пет од пет“ во плеј-офот
- Одржан УКЛО тривиум 2026, најдобар оратор Марија Стојановска (фотогалерија)





