Регионалната манифестација “Тракторијада 2018“ денес се одржа во просториите на “Синпекс“, а на неа учествуваа 14 учесници, компании и поединци чија дејност е поврзана со земјоделството.
Преку “Тракторијада 2018“ се мотивираат заинтересираните страни за нови пристапи кои ќе понудат разновидност на економските активности, примена на кративни пристапи за нови форми на производство, ангажман на локална работна сила и одржлив развој на заедницата.
Организатор на манифестацијата е Движење за околината “Молика“ од Битола, а во соработка со Здружение за едукација на земјоделци “Зелена Берза“ и “Синпекс“ ДОО Битола.
-Овие манифестации се позитивно оценети од страна на земјоделските стопанства, затоа што нудат можност да се промовират со своите активности, новитети и технологии. Исто така може да ги видат можностите кои ги нудат не само европските туку и македонските фондови. Битно е тоа да го направат оти има институции кои помагат во насочувањето и советувањето, како што е од една страна здружението “Зелена берза“ а друга е АПРЗ која има можност да го советува земјоделецот, рече на отворањето, Петар Андонов претседател на еколошкото друштво “Молика“.
Настанот финансиски го поддржа Министерството за земјоделство шумарство и водостопнаство преку програмата за рурален развој, а вообичаено тракторијадата се организира на отворен простор, но заради ниските температури, настанот се одржа во конгресната сала на “Синпекс“.






