Press "Enter" to skip to content

Мал фудбал играат 35 години, без прекин, и лето и зима, несекојдневен јубилеј во Битола (фотогалерија)

-Фрлале крупна сол на ракометно во Битола  да се одмрзне асфалтот, ја демонтирале бината за “Илинденски за да играат, играле и на теренот на градежното “Гранит“ во Буримечка, се делеле на “звездаши“ и “партизановски“, дел заминале во странство… но најмногу се дружеле, па така секој вторник и петок , цели 35 години… и продолжуваат.

Штотуку завршени, дипломирани студенти се вратија од студии во Битола во 1990 година, откако се одлучија својот животен и работен век да го продолжат во родниот град, а следуваше и организирањето на социјалното дружење, а во тоа време се подразираше играњето мал фудбал, вака започнува една битолска приказна, која се уште трае, а “актерите“  (читај фудбалерите) си ја тераат уште, секој вторник и петок, лето и зима, без прекин 35 години, а секоја натпревар започнува со жребка да нема “местење“.-Целата приказна започна кога две групи на “фудбалери“ во далечната 1990 година почнаа меѓусебни натпревари во мал фудбал, и бевме поделени на “партизановци“ и “звездаши“, а неколкумината “хајдуковци“ и “динамовци“ си бираа за кој тим ќе настапуваат. 1990 година најголем дел од овие “фудбалери“ се вративме од Скопје, завршувајќи ги факултетите, па желбата за играње мал фудбал ја “лечевме“ покрај меѓусебе, некогаш и со закажување утакмици со други градски екипи. Тие години, на почетокот на овие дружби, фудбал и баскет се играа на секој слободен терен во градот, “вриеше“ од деца желни за спорт, вели Методија Силјановски – Спиљонот, кој сега како возрасен додава дека за жал сега има многу слободни кошеви и терени попладне во секој дел на Битола, а се помалку деца.Сашко Павловски – Мацола кој прекарот го има добиено по легендата на Интер од Милано, за оваа нивна дружба, за која можеби е најзаслужен вели:-Првите години беше потребен многу труд, вртење многу телефони за да се обезбедат играчи. Немаше мобилни, само фиксни телефони, но ентузијазам имало од секогаш и не ни беше тешко по цел ден да се договораме: некој откажал па бараш друг играч. Бидејќи со тек на време доаѓаше до голема поделеност во екипите и започнаа расправии кој со кој ќе игра, некој период воведовме пред секоја “утакмица“ влечење црвена или жолта тапа. Така секоја “утакмица“ екипите се нови и така до ден денешен се започнува натпреварот, со жрепка. -Некаде од 2016 направивме вибер група “фудбалски легенди“. Одма да кажам дека да нема недоразбирање, ние сме далеку од вистински фудбалски легенди, но така ни е вибер групата (се смее Сашко). Тоа време беше принципот кој прв дојде – прв игра, инаку се чекаше додека не им се смачи на претходните. Сега е далеку полесно да се организирме и да разбереме кој иди, а кој не, а се уште се одржуваме, како гледате,  додава Мацола.Уште еден битолчанец има добиено прекар по фудбалската легенда на Партизан, а тоа е Зоран Николовски – Моцо, кој го прашавме каде се имаат играно мал фудбал во Битола?

-Нема фудбалски терен во градот каде што немаме играно. Најмногу на ракометното и кошаркарското игралиште, еден период во “Долната“ гимназија, потоа во спортската сала “Младост“, во сите основни училишта, па дури и на теренот на ГП “Гранит“ во Боримечка, не знам како разбравме за тој терен, но ни се најде некое време. И така мал фудбал се игра 35 години, без прекин, и лето и зима. Играњето фудбал, дружењето после “утакмицата“ прерасна во една голема традиција која зближи една голема група на луѓе: Мацола, Моцо, Спиљон, Геле, Дуле, Мрц, Влатац, Зоц, Матич, Цакул, Карас, Ѓуш, Шериф, Плаво, Војо, Боге, Дабе, Игорче, Бавча, Синиш, Корле, Тале, Ѕујо, Жан, Бени, Дени, Гершан, Ружин, Китан, Марко, Чушка.. до најмладите денес Бранче, Пере, Бебек, Тото, Бесник… некаде над стотина фудбалери продефилираа на терените, а денес на прославата беа присутни педесетина.Некои од фудбалерите заминаа низ светот, Америка, Австралија, Германија, но нема доаѓање во Битола, а да не се дојде “на фудбал“, барем малку да се почувствува мирисот на теренот,  а повеќе и да се каже нешто.

-Дуле, Ружино, Игор, Дабе, Ниче иако странство се дел од оваа приказна, па топките за играње, маркерите, дресовите многу пати биле нивна донација, додава Мацола.Николче Гелевски, Геле, највозрасниот во ова друштво, истакнува дека сигурно има и други екипи кои оставиле траги на спортските терени во Битола, но да се игра толку долг период 35 години, без прекин, навистина е реткост. Истакнува дека сепак најголема заслуга за ова има Сашко Павловски.

-Мацола, кој можеби не е најдобар фудбалер, ама е најдобар организатор – знае да не организира и за на фудбал и надвор од спортските терени.Анегдоти има многу за овие 35 години, а ни раскажаа само две од многуте.

-Една година ракометното игралиште беше замрзнато, на едната страна. Желни за играње, зедовме лопати и почнавме со чистење, ама мразот никако не попушташе. Од тогашната продавница “Јагода“ ја купивме цела крупна сол, фрливме на теренот и за пола саат почнавме, раскажува Дуле, кој за оваа прилика допатува од Америка

-Во лето се одржуваа Илинденски денови во ракометното игралиште, па тој период правевме пауза од играње, но одма после завршувањето одевме да играме, ама бината беше се уште недемонтирана. Неколкумина кои живееа најблиску се вратија до дома по алат и за еден саат се демонтира бината, натпреварот се одигра“ раскажува Ружино, кој само што допатува од Австралија за да присуствува на оваа мала прослава.А до кога планираат да играат?

-Додека има ваков ентузијазам и страст на секој натпревар продолжуваме, вели Бранче Ангеловски, Пурино, еден од поновите играчи, а Саше Перето додава:

-Затоа екипата се подмладува, да се одржи оваа прекрасна традиција.По ревијалниот натпревар во мал фудбал се одржа и фудбалска вечер во ресторан “Путник“ каде “фудбалските легенди“ се потсетија на изминатите 35 години, си прераскажаа стотина анегдоти, се потсетија не некои фудбалски и нефудбалски потези, а секако најважно беше дружењето кое, како рекоа, немаат намера да го прекинат.

Текст и фото: Сашо Ристевски

More from БитолаMore posts in Битола »
More from ВестиMore posts in Вести »