Синоќа во 20,00 часот било пријавено дека на регионалниот пат Прилеп–Битола кај с. Вашарејца, се случила сообраќајна незгода помеѓу товарно моторно возило “Мерцедес“, со битолски регистерски таблици, управувано од Д.С. (38) од Неготино, патничко моторно возило „Ауди А6“ со прилепски регистерски таблици, управувано од Џ.И. (34) од од с. Канатларци-прилепско и патничко моторно возило “Голф“ со ресенски регистерски таблици, управувано од С.Т. (37) од Ресен.
Во сообраќајната незгода на местото на настанот починале возачот Џ.И. и сопатникот од истото возило А.И. (27) од с. Канатларци-прилепско. Со телесни повреди се здобил другиот сопатник од возилото “Ауди А6“, Р.М. (30) од с. Канатларци-прилепско и возачот Д.С.
Извршен бил увид од страна на јавен обвинител и увидна екипа од СВР-Битола, а по уводот ЈО излезе со соопштение.
По дадени наредби од страна на надлежниот јавен обвинител обезбедени се и прибрани траги од лице место. Дадена е и наредба за вршење на сообраќајно-техничко вештачење, како и за вршење на обдукција на починатите лица. Првичните сознанија посочуваат дека до несреќата дошло откако патничко моторно возило марка “ауди А6“ во кое како возач и совозач се наоѓале сега починатите, се обидело да претекне друго патничко моторно возило “голф“ со регистарски ознаки од Ресен.
-Движејќи се кон Битола, при обидот за претекнување, а поради неприлагодена брзина на движење на возилото, патничкото возило “ауди“ удрило во товарно моторно возило – цистерна Мерцедес кое се движело во сообраќајната лента од спротивната насока. Од силината на ударот, на лице место животот го загубиле возачот и совозачот на моторното возило “ауди“, родени 1984 година и 1991 година, двајцата жители на село Канатларци, прилепско, соопшти ЈОРМ.






