Боби Павловски ја претставува својата најнова песна насловена „Варка“ – уште една силна нишка во успешната приказна што ја гради на регионалната музичка сцена. Иако композицијата е снимена на српски јазик и е дел од најавениот албум наменет за пазарот во соседството, песната носи длабоко вкоренет македонски дух, и во музичкиот ритам и преку визуелниот наратив.
Со „Варка“, Боби речиси го заокружува проектот што во изминатиот период го создаваше специјално за регионалната публика. Овојпат, како кулминација, одлучи да внесе дел од својата душа и идентитет – со ритам во автентични 7/8, препознатлив за македонската музичка традиција. Иако продукцискиот тим на видеото доаѓа од Босна, снимањата се реализирани на повеќе локации низ Македонија, со цел да се прикаже природната убавина и сликата за татковината преку едно поинакво уметничко око.
„Презадоволен сум од финалниот производ – музички, визуелно, енергетски. Особено ми е драго што успеавме да го вклопиме карактеристичниот македонски ритам во песна што е насочена кон регионалниот пазар и да покажеме нешто наше, автентично македонско. Верувам дека публиката ќе ја препознае мојата искрена желба да останам верен на корените, на сето она што го носам во себе и од каде што потекнувам“, вели Павловски.
Музиката и текстот на „Варка“ се дело на Драган Пејиќ – Пеја, а аранжманот го потпишуваат Пеја и Бобан Василески. Видеото, реализирано во соработка со Area 7 Entertainment, нуди моќен визуелен наратив кој ја слави македонската природа, традиција и ритам, пренесени преку свежа визуелна естетика.
Покрај современиот поп звук и регионалната лирика, песната содржи и традиционални елементи – тапан како симбол на ритмичката моќ и фолклорната традиција, што уште повеќе ја зајакнува македонската нишка во овој креативен спој на старо и ново.
„Варка“ се приклучува кон веќе објавените песни од проектот – „Лавиринт“, „Поносан“, „Калдрма“, „Заблуда“, „Самица“, „Тамо негде“, „Метар дана“, „Не оклевај“ и „Стара рана“ – комплетирајќи едно музичко поглавје кое не е само албум, туку и порака дека автентичната македонска музика и култура можат гордо да стојат и во пошироки рамки, достојно претставувајќи ја Македонија надвор од нејзините граници.