Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со особена гордост ги истакнува најновите успеси на своите единици во областа на научно- истражувачката дејност, преку одобрените проекти поддржани од Министерството за образование и наука. Овие проекти претставуваат признание за квалитетот, истрајноста и научната зрелост на наставно-научниот кадар на УКЛО, како и на младите истражувачи кои активно придонесуваат кон унапредување на знаењето во различни области.
Низ серијал се осврнуваме на седум проекти што ја рефлектираат стратешката посветеност на Универзитетот на научното истражување, иновацијата и развојот.
ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид
Научно – истражувачки проект „Лимнолошки истражувања на Охридското Езеро“ – главен истражувач: д-р Орхидеја Тасевска, научен советник, директор на Заводот/ Проектот „Лимнолошки истражувања на Охридското Езеро“ претставува интердисциплинарна научна иницијатива насочена кон севкупна проценка на еколошкиот статус на едно од најстарите и биолошки уникатни езера во светот – Охридското Езеро. Преку интегриран пристап што обединува хидробиолошки, паразитолошки, хидрохемиски и хистолошки истражувања, проектот има за цел да ги идентификува клучните структурни и функционални промени во екосистемот, предизвикани од зголемените антропогени и климатски притисоци.
Истражувањата се темелат на сезонски мониторинг, во рамки на кој ќе се анализираат физичко-хемиски, и одредени биолошки параметри во литоралната и пелагијалната зона. Посебен акцент се става на литоралот, како најчувствителна и најдеградирана зона, во која најрано се манифестираат последиците од еутрофикација, биоинвазија и нарушена биолошка рамнотежа.
Проектот ја применува современата концепција на функционална екологија, користејќи индекси како што се: Карлсонов трофички индекс (TSI), сапробен индекс, ASPT, макрофитски трофички индекс (MTI) и биодиверзитетски индикатори, заедно со хистолошки и паразитолошки анализи кај автохтоната рибна фауна. Со тоа, се овозможува детекција на рани индикатори на деградација, особено во контекст на еутрофикација и губење на ендемични видови.
Проектот директно се надоврзува на повеќедецениското истражувачко искуство на Хидробиолошкиот завод – Охрид, проширувајќи го неговиот капацитет за долгорочен, стандаризиран и научно валидиран мониторинг, во согласност со Европската рамковна директива за води (WFD) и меѓународните иницијативи за заштита на слатководните екосистеми (UNESCO, Ramsar, Sustainable Development Goals и сл.).
Покрај научната димензија, проектот има силен политички и едукативен импакт, преку развој на препораки за носители на одлуки, изработка на информативни и едукативни материјали за јавноста и организирање на јавни трибини и научни работилници. Со тоа, се гради мост помеѓу науката, јавната политика и граѓанското општество, со цел зајакнување на јавната свест и отпорноста на езерскиот екосистем.
На меѓународно ниво, проектот е конципиран да биде конкурентен и релевантен за европските и глобалните истражувачки програми (Horizon Europe, LIFE, Danube Strategy, ILTER), со потенцијал за објавување на научни трудови во реферирани списанија и интеграција на резултатите во бази на податоци за светски значајни водни тела.
Преку неговата реализација, се очекува значаен придонес во развојот на регионалната наука, унапредување на научната инфраструктура и кадар, како и позиционирање на Хидробиолошкиот завод – Охрид како клучна научна институција за заштита и управување со природното наследство на Република Македонија.
„Лимнолошки истражувања на Охридското Езеро“ – интердисциплинарна научна мисија за откривање и спречување на еколошката деградација на едно од најстарите и најуникатни езера во светот. Преку најсовремени методи и интегриран пристап, проектот открива рани знаци на еутрофикација, губење на ендемични видови и нарушување на биолошката рамнотежа, создавајќи научно валидирани препораки за заштита. Ова е чекор кон зачувување на природното богатство на Охрид за идните генерации – мост меѓу науката, политиката и граѓаните.
Овие активности се целосно усогласени со стратегиската ориентација на УКЛО за градење конкурентна и одржлива истражувачка основа, интернационализација и активно учество во европскиот истражувачки простор. Како полноправна членка на КОЛОРС Алијансата https://uklo.edu.mk/colours/ , УКЛО дополнително ги консолидира своите напори за транснационална научна соработка и поврзување и со други водечки иницијативи – со што ја зацврстува својата позиција како модерен и истражувачки ориентиран универзитет и им отвора пошироки европски перспективи на своите студенти на трите циклуси на студирање.