Битола, градот на првите филмски кадри на Балканот, продолжува да ја слави кинематографијата и нејзините великани. На Широк Сокак е поставена информативна табла со QR код, преку кој сите минувачи, туристи и патувачи можат да ја симнат и погледнат видеосторијата „Патека на славните на Широк Сокак“, посветена на лауреатите на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.Видеосторијата ја раскажува приказната за ѕвездите на кои се испишани имињата на дел од лауреатите на фестивалот, имиња чии дела и визии оставиле длабока трага во светската кинематографија. Ова е признание за нивната работа и придонес, но и сведоштво за големината на фестивалот, измерена преку големината на луѓето кои продефилирале на него.
Ѕвездите што го красат Широк Сокак се изработени од месинг од страна на Божиновски часовници и накит, создавајќи трајна меморија за најдобрите светски кинематографери.
Видеосторијата е продукција на Фондација Божиновски, а целта е да се поттикне развојот на културниот и филмскиот туризам во Битола и да се зачува нематеријалното културно наследство.
Оваа иницијатива ја претвора прошетката по Широк Сокак во уникатно искуство, место каде небесните ѕвезди се среќаваат со филмските и каде историјата и сегашноста оживуваат заедно. Со ова, Битола не само што им оддава чест на кинематограферите, туку и се позиционира како град кој создава нови културни вредности и туристички доживувања.